Кеги Моби и Астибо се фузираа и најавуаат стабилен клуб со високи амбиции во Првата футсла лига на Македонија

Пред стартот на новата сезона од Првата футсал лига на Македонија, екипите на Кеги Моби и Астибо се фузираа во еден клуб.
Кеги Моби минатата сезона заврши на второто место на табелата во Втората футсал лига и обезбеди директен влез во Првата футсал лига на Македонија, додека пак Астибо заврши на шестото место на табелата.
Во новата сезона од Првата футсал лига двете екипи ќе настапуваат како еден клуб, а од штипски Астибо сметаат дека го одбрале вистинскиот пат и со заеднички сили и вложувања, посебно во финансискиот и играчкиот дел ќе се обидат во новата сезона да бидат конкурентни за високите места на табелата.
„Ве известуваме дека по одлука на УО на клубот одлучивме да направиме фузија со КМФ Кеги Моби од Велес и во наредната сезона ќе се натпреваруваме во Првата футсал лига на Македонија. Сметаме дека го одбравме вистинскиот пат за клубот и со заеднички сили и вложувања посебно во финансискиот и играчкиот дел ќе се обидеме во наредната сезона да бидеме конкуренција за високо ниво во лигата. Натпреварите на домашен терен ќе ги играме и во Велес и во Штип така да нашите навивачи и верни подржувачи, а особено Ултра банда ќе имаа можност да гледаат натпревари во Првата лига. Сезоната започнува на 23/24.09.2022 година. Како и до сега сите натпревари ќе бидат навреме објавени и ќе се снимаат во живо на нашиот фејсбук профил“, велат од штипски Астибо.

Кирил Ивановски од Кеги Моби за Спортска Мрежа вели дека двата клуба склучиле соработка и ги соединиле силите за новата сезона од Првата лига, со цел да стартуваат со еден моќен тим. Ивановски ни изјави дека поголем дел од натпреварите ќе се одиграат во Велес, а неколку натпревари ќе бидат одиграни и во Штип.
„Најнапред да кажам дека склучивме и дојдовме до добра соработка со екипата на КМФ Астибо и со добар компромис ги соединивме силите за наредната сезона во Првата футсал лига на Македонија да стартуваме со еден моќен тим од две супериорни екипи кои лани беа во трка и борба за влез во оваа лига. Поголемиот процент на натпревари оваа сезона ќе ги одиграме во Велес поради хх причини за кои и двата клуба донесовме таква одлука и сме свесни дека тоа е подобро заеднички и за атмосферата на трибина и во клубот да биде на едно многу високо ниво. Највероватно 8 од 10 натпревари ќе се одиграат во Велес, а останатите 2 натпевари ќе ги одиграме во Штип зависност од распоредот на натпреварите“, ни изјави Ивановски.

Промена на името засега ќе нема, префрлувањето на играчкиот кадар и компромисот на клубовите оди многу добро.
„Моментално немаме ни опција за промена на името на клубот до полусезона останува името КМФ Кеги Моби Велес, а за понатаму ќе видиме и размислиме заеднички како би можеле и што би можеле да направиме во двата табори. До сега со префрлањето на играчкиот кадар и компромисот на клубовите оди беспрекорно добро, се надеваме дека и така ќе продолжи“, изјави Ивановски за Спортска Мрежа.
Во првото коло Кеги Моби ќе игра против екипата на Железарец на домашен терен во Велес.