РакометРакомет - Македонска репрезентација

Катастрофален пораз на Македонија од Египет со 19 гола разлика

Ново разочарување од Македонската ракометна репрезентација која одигра катастрофален натпревар и загуби со високи и убедливи 38:19 од Египет. Македонија играше без одбрана и беше торпедирана од сите страни. Од 16 играчи, само три играчи не постигнаа гол во египетската репрезентација.

Конфузно, без план, без стратегија и без тактика македонската репрезентација го помина целиот натпревар и доживеа уште поголем пораз од оној од Шведска.

Домаќините први го отворија резултатот и на почетокот од натпреварот имаа 2:0. Кузмановски го постигна првиот гол за Македонија по одличниот пробив и намали на 2:1, а веднаш Египет зголеми на 3:1. Кузмановски имаше одличен старт на натпреварот и преку нов пробив успеа да постигне гол за 3:2. До 5. минута од натпреварот резултатот беше 5:2.

Капитенот Лазаров во 6. минута од натпреварот постигна гол и намали на 5:3. Македонија ја држеше негативата од два гола со ракометар помалку во воведните седум минути од натпреварот. По интервенциите на Хандави, Санад беше прецизен и домаќините до 11. минута од натпреварот имаа 5 разлика при 8:3. Омар ја продолжи серијата погодоци за Египет и зголеми на 9:3.

Одбраната на Македонија беше катастрофална, а една интервенција на почетокот имаше Митревски, и тоа беше се во првите 13 минути, кога Брестовац повика тајм-аут.

Расположениот Хандави продолжи со одличните интервеции и не дозволуваше топката да заврши во неговата мрежа, а Македонија до 16 минута остана на трите гола. Негативната серија ја прекинавме во 17. минута кога Пешевски постигна гол за 10:4. По грешката на Египет во нападот, Македонија ја искористи приликата и преку Лазаров намали на 10:5, со што направивме серија од два гола. Домаќините повторно згрешија во нападот, а тоа го искористивме откако Лазаров постигна трет гол кој влезе во добар ритам и направивме серија од три погодоци, при резултат од 10:6.

Кузмановски доби црвен картон, а одличниот Томовски имаше интервеција, по што Македонија организираше нов напад, но не успеа да постигне гол. До 22. минута од натпреварот резултатот беше 11:6. Во 23. минута беше досуден пенал за Египет, а Санад успешно реализираше за 12:6 и повторно +6.

Нашите грешки, Египет максимално ги користеше и преку Ел-Вакил зголеми на 14:6 за +8. Серијата голови продолжи, а Ел-Вакил постигна нов гол со што Македонија имаше негатива од десет голови. После тајм-аутот на Брестовац играта на Македонија буквално се распадна и бевме торпедирани од сите страни. Македонската одбрана немаше никаков отпор и немаше никаква игра и жар. Првото полувреме заврши 20:6 со неверојатни 14 гола предност за Египет.

Домаќинот одигра перфектно прво полувреме, а за големата разлика најмногу е заслужен новиот голман на Еурофарм Пелистер, Карим Хандави.

И на стартот од вториот дел немаше промени, преку Велковски дојдовме до седмиот гол, а Египет продолжи да ја зголемува разликата која до 34. минута се искачи на +17.

Серијата погодици во египетската репрезентација ја продолжи Валид кој постигна гол за 25:7, а Велковски постигна втор гол за два од два и дојдовме до осмиот гол.

Торпедата на репрезентативците на Египет кон нашиот гол пристигаа од сите страни, разликата се зголемуваше, а Македонија немаше никаква игра и буквално од минува во минута се повеќе и повеќе се „распаѓаше“.

Техничките грешки во нашиот напад продолжија, а Египет тоа максимално го користеше и до 42. минута кога Брестовац повика тајм-аут резултатот беше 30:10.

После тајм-аутот Пешевски го постигна својот втор гол за 30:11, а Томовски запиша нова интервеција. Кај домаќините гол постигна и резервниот пикер Навар за 31:11 и повторно +20 за Египет.

Првиот седмерец за Македонија беше досуден во 49. минута, а Поповски успешно го реализираше за 34:14. Во 55. минута младиот Томовски одбрани пенал, а во следниот напад Маркоски постигна гол за 36:18.

Томовски имаше неколку интеверции до крајот на натпреварот со кои негативата ја спуштивме под 20 гола разлика и конечни 38:19 со што Македонија претрпе навистина тежок и убедлив пораз.

Најдобар во редовите на Египет беше Шебиб со осум голови, додека кај Македонија најпрецизни беа Лазаров, Пешевски и Маркоски со по три гола.

Македонија во понеделник ќе игра против Чиле со надеж дека конечно ќе одигра одличен натпревар и ќе ја запише првата победа на Мундијалот во Египет и ќе се пласира во следната фаза.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!