Ивановски: Кравари на дербито со Новаци беше оштетен од судиите, сериозно размислуваме да се откажеме од натпреварувањето!

Дербито на колото во рамки на четвртата рунда од Третата лига – Југозапад меѓу Новаци и Кравари заврши со триумф за домаќинот од 3:2. Новаци останува и понатаму непоразен лидер во ТМФЛ – Југозапад, но Кравари денес преку претседателот на клубот Николче Ивановски реагираше дека клубот е оштетен од страна на судиите.
Во изјава за Спортска Мрежа, претседателот на Кравари, Николче Ивановски вели дека главниот судија Дени Лековски досудил непостоечки пенал за Новаци, а исто така реагира на лошото судење кога резултат во финишот од мечот беше 2:2, на што Ивановски додава дека Кравари размислува да се повлече од натпреварувањето.
„На вчерашниот натпревар сите бевме сведоци што се случува на фудбалските натпревари во Македонија. Кравари вчера беше директно оштетен од главниот судија Дени Лековски. Досуди непостоечки пенал за домашната екипа на резултатот 0:1 што го промени цел тек на натпреварот. Второ полувреме иако имавме негатива од 2:1 и со играч помалку успеавме да го израмниме резултатот во самиот финиш. Тогаш повторно стапи на сцена главниот судија и натпреварот се играше додека не постигна гол домаќинот. Изразувам револт и Кравари сериозно размислува за повлекување од понатамошно натпреварање во ваква лига и со вакви судии“, ексклузивно изјави Ивановски за Спортска Мрежа.