Ислами: Ќе биде тежок натпреварот со Вардар, но Црнилиште оди на победа во Неготино!

Во недела во Неготино се игра големо дерби меѓу домаќинот Вардар и Ново Црнилиште, во меч од 13. коло од Третата лига – Југ. Централниот дефанзивец на Ново Црнилиште, Фатон Ислами, во изјава за Спортска Мрежа вели дека имаат почит кон Вардар, ги очекува тежок натпревар, но во Неготино доаѓаат по победа и три бодови.
„Недела е дерби натпревар против екипата на Вардар Неготино, која исто така е претендент за прво место. Респект за Вардар Неготино, имаат добра екипа, сега направија и тренерска смена, донесоа искусен тренер како што е Глигоров. Ние како и секогаш одиме на поволен резултат. Ќе биде тежок натпревар, но се надеваме на победа. За жал, имаме тројца фудбалери што не се 100% подготвени, бидејќи се пожалија на мали повреди, но, сепак, се надеваме дека истити до недела ќе бидат фит“, ни изјави Ислами.
За Никола Глигоров како нов тренер на Вардар Неготино, дербито против лидерот во недела ќе биде прв натпревар. Домаќините ќе имаат притисок за победа со цел да направат прогрес кон врвот од табелата и остварување на целта – прво место и влез во Втора лига.
Натпреварот ќе се игра на Градскиот стадион во Неготино со почеток од 13:00 часот, истиот ќе биде одигран без присуство на публика согласно мерките и протоколите за заштита од Ковид-19.