Исходот во елитата, Барса и Атлетико на прагот на елиминација: Кој помина, а кој и како може да помине во осминафинале

Во пресрет на последните 90 минути од групната фаза во Лигата на шампионите, 11 клубови обезбедија пласман во осминафиналето, а 11 клубови ќе се борат за преостанатите пет визи во вторник и среда.
Продолжение обезбедија Ајакс, Баерн, Челзи, Интер, Јувентус, Ливерпул, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, ПСЖ, Реал Мадрид и Спортинг.
Во игра се и Милан, Аталанта, Атлетико Мадрид, Барселона, Бенфика, Лил, Порто, Салцбург, Севиља, Виљареал, Волфсбург.
Познато е и дека Борусија Дортмунд, Шериф и Зенит дефинитивно се селат во Лига Европа, а европската сезона е при крај за Бешикташ, Шахтјор, Динамо Киев и Малме.
ОБЈАСНУВАЊЕ ПО ГРУПИ
Група А: Манчестер Сити (12), ПСЖ (8), Лајпциг (4), Бриж (4)
Манчестер Сити уште пред последното коло го обезбеди првото место, а второпласиран продолжува ПСЖ. Единствен сомнеж е кој ќе ја освои третата позиција која води во Лига Европа. Лајпциг и Бриж имаат по четири бода, а Лајпциг е подобар во меѓусебниот скор.
Во последното коло играат ПСЖ – Бриж и Лајпциг – Манчестер Сити.
Група Б: Ливерпул (15), Порто (5), Милан (4), Атлетико Мадрид (4)
Во оваа група е познат само победникот Ливерпул. Се друго е отворено.
Порто го пречекува Атлетико и со победа сигурно оди понатаму. Бод му одговара ако Милан го победи Ливерпул на „Сан Сиро“.
Атлетико мора да победи и да се надева дека Милан нема да земе три бода против Ливерпул.
Милан со победа и реми на „Драгао“ ќе обезбеди следна фаза.

Група Ц: Ајакс (15), Спортинг (9), Борусија Дортмунд (6), Бешикташ (0)
Во оваа група се беше решено пред последното коло. Ајакс е победник, а Спортинг е во осминафиналето. Борусија се сели во Лига Европа.
Група Д: Реал Мадрид (12), Интер (10), Шериф (6), Шахтјор (1)
Реал и Интер се во осминафиналето, во дуел во Мадрид ќе одлучуваат за победникот од групата.
Шерифот напролет ќе игра во Лига Европа.
Група Е: Баерн (15), Барселона (7), Бенфика (5), Динамо Киев (1)
Германскиот шампион е сигурен победник во групата, а за второто место се борат Барселона и Бенфика.
Каталонците ги очекува тешко гостување во Минхен. Бенфика е голем фаворит на домашен терен против отпишаниот Динамо. Доколку победи португалскиот тим, Барселона мора до победа на „Алијанц Арената“, бидејќи Бенфика во меѓусебните средби беше подобра од Барса (3:0, 0:0).
Група Ф: Манчестер Јунајтед (10), Виљареал (7), Аталанта (6), Јанг Бојс (4)
Јунајтед ја обезбеди следната фаза и првото место, а за втората позиција ќе се борат Виљареал и Аталанта. Јанг Бојс не може да се пласира во осминафиналето, но може да стигне и до третото место во Лига Европа.
За второто место во Бергамо ќе се борат Аталанта и Виљареал, а домаќините им одговара само победа. Во вториот натпревар на „Олд Трафорд“ ќе се сретнат Манчестер Јунајтед – Јанг Бојс.
Група Г: Лил (8), Салцбург (7), Севиља (6), Волфсбург (5)
Единствената група во која сите четири клуба можат да се пласираат во осминафиналето. Лил е во најдобра ситуација, доволен му е бод на гостувањето кај Волфсбург. Интересно, Волфсбург може да се пласира во осминафиналето на Лигата на шампионите, но не и во Лигата на Европа. Со победа би го прескокнал Лил, додека реми и пораз го оставаат на дното.
Во вториот меч ќе се сретнат Салцбург и Севиља. На Австријците им е доволен бод, на Шпанците само победа.
Во една од комбинациите Лил, Волфсбург и Салцбург би можеле да имаат по осум бода, а потоа понатаму да одат Волфсбург и Салцбург, додека Лил би бил трет.

Група Х: Челзи (12), Јувентус (12), Зенит (4), Малме (1)
Понатаму одат Челзи и Јувентус, а победникот во групата ќе го решава последното коло. Челзи е подобар во дуелот со „старата дама“, па победата на гости кај Зенит сигурно му го носи првото место.
Зенит го обезбеди третото место, додека Малме европското патување го завршува со гостување во Торино.