Интервју со професионалниот возач Маја Милошевска: Успеав да се пронајдам во секој адреналински спорт на тркала што троши бензин

Никогаш не треба неправедно да правиме поделба на машки и женски професии, а исто така, никогаш не треба да кажеме дека жените се лоши возачи, или дека не треба да се качиме во автомобил со жена возач. Ова го потврдува Маја Милошевска, која е професионален возач.
Милошевска е родена 1983 година во Скопје, љубовта кон автомобилите и автомобилизмот ја наследува од својата фамилија, која долги години е активна во авто спортот. За прв пат настапува на женското рели во 2005 година, а оттогаш настапува на сите организирани женски релија, при што освојува значајни резултати. Покрај релијата во Македонија, Милошевска има настапувано и во Бугарија и Косово, каде исто така има постигнато забележливи резултати.

Во текот на својата кариера, се натпреварува во различни дисциплини од авто спортот: како што се картинг, авто спретност, авто слалом, женско рели, рели олдтајмери, Фичо Куп и слично, но исто така во сезоните 2009 и 2011 се натпреваруваше и во Шампионатот на Македонија во скутери, како единствена припадничка од понежниот пол. Резултатите не изостанаа ни на две тркала, па во сезоната 2009 го освои третото место во генералниот пласман, додека во 2011 година, Милошевска ја освои вице-шампионската титула….
Спортска Мрежа разговараше со Маја Милошевска за нејзините успеси, нејзината кариера, за љубовта кон автомобилите, моторите, трките…
Од каде желбата за авто-натпревари, рели, трки… ?
Потекнувам од тркачка фамилија. Мојот татко и неговите браќа се занимавале со авто спорт уште од нивната младост и настапувале во Шампионатот во автомобилизам на Југославија. Ние, од следната генерација го продолживме да го работиме тоа што го правеа тие. Најпрво, мојот братучед Зоран Милошевски дебитираше во Шампионатот на Македонија во автомобилизам во 2000 година. Една година подоцна тоа го стори и мојот брат Југослав, кој се уште вози авто трки.
Во 2018 година Милошевска настапува во Шампионатот на Македонија во автомобилизам, во дисциплината авто слалом, при тоа натпреварувајќи се во две класи, во класата за тркачки возила со зафатнина на моторот до 1600 цц, со возилото Застава Југо 1150 цц и во класата за стандардни возила со зафатнина на моторот до 1600 цц, каде настапува со возилото Опел Астра 1400 цц. Уште на првата трка во сезоната, одржана во Струмица, беше очигледно дека тоа ќе биде успешна сезона за Милошевска. Сезоната продолжи во добар континуитет и на последната трка одржана на Водно, Скопје, Милошевска ја прослави шампионската титула во класата за тркачки возила и третото место во генералниот пласман кај стандардните возила.
Од кога започнавте со автомобилизмот, какво беше првото искуство, вашите успеси потоа, наградите… ?
Мојот прв настап на женска рели трка беше во 2005 година во Скопје. Пред тоа, во 2004 година, имам настапувано на неколку картинг куп натпревари. Постигнатиот резултат на картинг трката одржана во Кочани, во 2004 година, 4-то место во конкуренција од преку 20 машки натпреварувачи, ми покажа дека сепак занимавањето со автомобилизам може да донесе голема забава во животот. Од тогаш имам настапувано на повеќе натпревари од различни дисциплини во Македонија, Бугарија, Косово, Грција, Србија: картинг, авто спретност, авто слалом, Фичо Куп, рели олдтајмери, 2009 и 2011 година настапував во Шампионатот на Македонија во мотоциклизам, во дисциплината – скутери… Секоја дисциплина си има своја убавина, а јас успеав да се пронајдам во секој адреналински спорт на тркала, што троши бензин.“
„Искрено, имам многу пехари и признанија, а секој настап е едно искуство повеќе, кое ја збогатува кариерата. Во сезоната 2019 година, како последно извозена квалитетна сезона, од 4 авто слалом трки на кои настапив од Шампионатот на Косово во авто слалом, забележав 4 победи; на авто слаломот во Белград го освоив 3-то место во отворениот шампионат во авто слалом на Србија, на отварањето на Шампионатот во Македонија во дисциплината авто слалом, во Кичево, го освоив второто место; сезоната 2018 ја освоив шампионаската титула во Шампионатот на Македонија во авто слалом во класата на тркачките возила и третото место во генералниот пласман во класата на сериските возила; 2011 ја освоив вице – шампионската титула во Шампионатот на Македонија во скутери; а во женското рели секоја година ме има на подиум …… Витрините ми се преполни со пехари.
Сезоната 2019, Милошевска повторно ја започна одлично освојувајќи го второто место на трката од Шампионатот на Македонија во авто слалом, одржана на патеката во Кичево, во класата до 1600 цц, стандардни возила. Но, по оваа трка следеше промена во раководството на Автомобилистичката Федерација на Македонија, поради што Милошевска одлучи повеќе да не настапува во Шампионатот на Македонија, а да продолжи со настапи во соседството. Во таа сезона од 4 одржани трки од Шампионатот на Косово во авто слалом, Милошевска одбележа тотална доминација со 4 победи. Заради збогатување на искуството, Маја реши да настапи на завршницата од Шампионатот во авто слалом на Србија, трка која се возеше во Сопот, близу Белград и се врати дома со освоено трето место во класата.

Во кои дисциплите сте учествувале, што возите, како возите, со каков автомобил сте се натпреварувале… ?
Почетоците ги направив со картинг во 2004 година. Тогаш беше организиран и Еуро Паласт картинг купот кој се состоеше од неколку трки низ Македонија. Веќе следната година започнав да го возам женското рели, кое ми беше отскочна даска за да настапувам заедно со Марклена Димитровска во Шампионатот на Бугарија во женско рели. Во Бугарија ова натпреварување е доста сериозно и се организира како шампионат во рамките на БФАС (Бугарската автомобилистичка федерација) и се возат повеќе трки во рамките на една сезона. Во 2005, 2006 и 2007 година во Македонија беа одржани три релија со олдтајмери, а јас настапив на сите, со возилото Опел Кадет. Во 2008 и 2009 година настапував на Картинг Купот на Авто картинг клубот „Никола Карев“ во кој се возеа повеќе трки на патеката во Волково.
Во 2009 година настапував и на Фичо Купот на авто картинг клубот „Никола Карев“, каде сите натпреварувачи настапуваа со возилото Застава Фичо. Во 2009 година одлучив да почнам да се натпреварувам и на две тркала, па настапував во Шампионатот на Македонија со скутери со Јамаха Џог. Истата година беше одржана авто спретност трка во СЦ „Борис Трајковски“, каде настапив со две возила, Застава Југо 1100 цц и Мини Купер 1600 цц, а успеав да победам со Куперот. Истата година настапив во Грција, на патеката во Серес на 4-часовна трка, со возилото VW Golf. Во 2015 година настапив на популарниот настан Џип Рели Струмица со возилото Пежо.
Низ мојата 16 годишна историја на женското рели имам настапувано со повеќе возила, Застава Југо, Мини Купер, Опел Корса и Опел Астра. Во 2017 година за прв пат настапив во Шампионатот на Косово во дисциплината авто слалом со возилото Опел Астра Г, со кое настапував и во сите следни сезони. Во 2018 година и Македонија започна со организација на Шампионат во авто слалом во кој настапував во две класи, во класата 1 за сериски возила со зафатнина на моторот до 1600 кубни сантиметри, со Опел Астра Г 1.4 и во класата 3 за натпреварувачки возила до 1600 кубни сантиметри, со натпреварувачкото возило Застава Југо 1100 кубни сантиметри.
За сезоната 2019 имав зацртано да настапам барем на една трка од Шампионатот на Србија во авто слалом. Настапив на последната трка од сезоната во Белград, со моето возило Опел Астра Г и тоа беше одлично искуство, затоа што беше брдски слалом, каков нема возено до тогаш…
Мотивирана од постигнатиот успех во сезоната 2019, Милошевска донесе одлука да продолжи со настапите во Шампионатот на Косово во дисциплината автослалом и во сезоната 2020 и зависно од можностите да настапи барем на една трка од Шампионатот на Србија. Но поради добро познатиот проблем со светската пандемија, сите настани оваа сезона се неизвесни. Она што е извесно е дека веќе беше одржана една трка во Косово, каде Милошевска повторно го освои првото место во класата за возила со зафатнина на моторот до 1600 цц. Во исчекување на разврската со корона вирусот, Милошевска продолжува со планот да настапи на сите трки Во Косово и да го повтори минатогодишниот резултат….

За шампионатот во авто слалом во Македонија и шампионатот во Косово ?
Шампионатот во авто слалом во Македонија е релативно нов. За прв пат е организиран како шампионат на Македонија во 2018 година, а во претходните години се организирани и други слалом трки, но како ревијални трки, а не како Шампионат на Македонија. Драго ми е што бев дел од првата сезона во авто слалом, како член на авто картинг клубот „Никола Карев“ во кој воедно сум и многу години генерален секретар.
Настапував со две возила во две класи, во класата 1 за сериски возила со зафатнина на моторот до 1600 кубни сантиметри, со Опел Астра Г 1.4 и во класата 3 за натпреварувачки возила до 1600 кубни сантиметри, со позајмено возило од претседателот на клубот Никола Попевски – Попе, Застава Југо 1.1. Таа сезона беа одржани три трки, во Струмица, Прилеп и на Водно. Во класата за сериски возила го освоив третото место во генералниот пласман, а додека кај тркачките возила ја освоив шампионската титула.
Следната сезона ја извозев само првата трка, која беше одржана во Кичево и го освоив второто место во класата 1 за сериски возила. После таа трка се случија тешки турбуленции во Автомобилистичката федерација на Македонија и од тогаш не настапувам во Шампионатите на Македонија, се до решавање на ситуацијата со АФМ и повторно враќање на власта во спортот на спортистите…
За Шампионатот во Косово имам само пофални зборови, започнувајќи од бројот на организираните трки, до нивото на организација, до медиумската покриеност, каде секоја трка покрај пишаните медиуми е покриена од неколку телевизиски канали, до бројот на натпреварувачи каде што на секоја трка има околу 100 натпреварувачи. Исто така за забележување е и тоа што во Косово во авто слалом трките, застапеноста на женските натпреварувачки е на завидно ниво и сериозно се работи на темата – понежниот пол во авто спортот.
Дали може да ни раскажете за женското рели ? Каков е интересот на жените да учевстуваат во рели, каква е организацијата за настанот и кои се активностите ?
Женското рели е традиционален настан кој се организира кај нас повеќе години.
Релито се состои од три етапи:
– возење по градската сообраќајна мрежа, со почитување на правилата во сообраќајот водени по предходно изготвена патна книга на движење, од страна на организатор;
– Кнап етапа ( возење по дадена патека за одредено време изразено во секунди, на пример 1 километар да се извози за точно 60 секунди );
– Гимкана ( спретно возење меѓу чуневи);
На релито учествуваат екипажи, кои се составени од возач и совозач од понежниот пол, со сериско возило. Секоја етапа си има свои правила и треба да се внимава на нив, затоа што секое прекршување на правило, значи казнени поени што негативно влијаат врз пласманот на екипажот на релито. Со оглед на тоа дека настапувам на овој настан веќе 16 години, забележувам дека дефинитивно тоа е настан кој привлекува внимание и секоја година забележувам нови учеснички, што покажува дека овој настан дефинитивно е интересен и треба да продолжи.
По што ќе ја паметите 2020 година на спортски план и кои ќе бидат Вашите предизвици за 2021 година, исто така на спортски план ?
Како и другите спортисти, така и јас 2020 ќе ја паметам по многу нереализирани планови, неизвозени трки, откажани настапи, неизвесност во организацијата на настапите… Поради добро познатата ситуација, бев приморена да откажам голем дел од моите настапи на трките во Косово, а планот ми беше да настапам на сите трки организирани од страна на ФАСК (автомобилистичката федерација на Косово), во рамките на Шампионатот во авто слалом, како и на трките кои беа организирани пред официјалниот старт на сезоната, како тренинг за она што претстои. Успеав да настапам само на две трки во текот на целата сезона од Шампионатот на Косово.
Но, сепак, 2020 ќе остане запаметена и по уште една моја победа на традиционалното женско рели, кое сепак успеа да биде одржано пред почетокот на пандемијата. Со оглед на тоа што се уште живееме во неизвесност што ќе се организира оваа сезона, не можам да направам конкретни планови. Традиционалното женско рели секогаш се возело во март, а дали оваа година ќе има можности да се организира, веројатно се уште стои како отворено прашање. Доколку животот се врати во нормала, планот за сезона 2021 е настап на сите трки од Шампионатот во авто слалом во Косово.