ИНТЕРВЈУ со Никола Глигоров: Од Вардар Неготино заминав сам, играчите знаат многу добро што им кажав, ако добијам понуда од Тиквеш ја прифаќам со задоволство!

Спортска Мрежа имаше можност да разговара со искусниот стратег Никола Глигоров, кој е доскорашен тренер на Вардар Неготино.
Глигоров е искусен тренер, кој успеа Тиквеш во сезона 2002/2003 да го внесе во Првата македонска фудбалска лига и да забележи одлични резултати. Никола Глигоров е искусен и познат тренер за кој и не треба многу да се кажува, секој којшто е во фудбалските кругови многу добро знае за каков тренер станува збор и какво искуство поседува.
Разговорот го започнавме со неговиот последен ангажман во третолигашот Вардар Неготино. Вардар Неготино успешно ги помина подготовките, колку бевте задоволни ?
„Вардар Неготино има одлична и квалитетна екипа, која заслужува да биде во Втората лига и некаде на средината на табелата. Имавме успешни подготовки на кои уште еднаш се покажа дека клубот има квалитет за Втора лига. Победа против второлигашот Кадино, убедлив триумф над прилепска Победа, одиграме одличен натпревар и бевме подобри од Овче Поле во Свети Николе, одличен натпревар одиграме и со Тиквеш каде Вардар покажа квалитет, победа и против Братство на „генералката“ пред стартот на првенството.“
Вардар Неготино има квалитет и од самиот старт на почетокот на првенството важеше за фаворит, меѓутоа во есенскиот дел екипата потфрли, па за пролетната полусезона клубот вас ве ангажираше за тренер со цел клубот конечно да заигра и да фати приклучок за прво место и со тоа да се врати во Втората лига.
„Како што кажав, Вардар Неготино има квалитет, има одлична екипа и треба да биде во Втората лига. Минавме низ успешни подготовки, кога започна пролетниот дел јас на играчите на тренинг им кажав дека при прв пораз јас ќе заминам од клубот. Ова екипа има квалитет и треба без никакви проблеми да финишира на првото место. Дома победивме со Обрашани, потоа победиме и со Големо Коњари, а на натпреварот со Братство каде на полувреме водевме, немавме спортска среќа и натпреварот го загубивме, а јас заминав од клубот како што и претходно им кажав на играчите. Тоа е реалната слика. Екипата има квалитет, млади и талентирани играчи. Јас на Вардар му посакувам се најдобро и се надевам дека ќе успее да се избори за влез во Втората лига.“
Со Тиквеш имавте големи успеси, клубот од Втора лига го внесовме во Првата лига и имаше одлични резултати. Ќе успее ли Тиквеш да влезе пак во Прва лига ? Ќе гледа ли Кавадарци прволигашки фудбал ? Доколку клубот ве повика и побара помош повторно од вас за влез во Прва лига, дали ќе прифатите ?
„Јас искрено посакувам Тиквеш да влезе во Првата лига, Кавадарци чека 18 години Прва лига и заслужува да добие прволигашка екипа. Јас му стојам на располагање на клубот и доколку добијам понуда, со задоволство ќе ја прифатам и гарантирам дека екипата ќе влезе во Прва лига, каде што му е местото на клубот.“
Кои се вашите планови за блиска иднина во тренерските води ?
„Размислувам да го обновам клубот во Кавадарци и да започнам од Трета лига, да ги соберам кавадаречките деца кои се избркани и играат по други клубови надвор од Кавадарци, да ги вратам дома и со тоа да направам млада и силна екипа.“
Вардар Неготино во продолжение од сезоната ќе го води Марјан Смилков, а ќе му помага Миле Чаушев кој ќе биде тренер – играч.