ФудбалФудбал - ТРЕТА ЛИГА

Илче Перески нов тренер на Караорман, клубот на 17. јануари ги „пали моторите“, во план се неколку засилувања!

Караорман одигра одлична полусезона и заврши на второто место на табелата во Третата лига – Југозапад со 28 освоени бодови, еден помалку од есенскиот шампион Воска од Охрид. Спортска Мрежа разговараше со претседателот на клубот, Ристе Ќушкоски за есенскиот дел и постигнатите резултати, за „костурот“ на екипата, засилувања, како и за пролетните предизвици.

„Со оглед на настанатата ситуација со Ковид-19 и неизвесноста за старт на натпреварувачката сезона, која беше неизвесна и пролонгирана за 40-тина дена што реално многу влијаеше на нашата форма, можеме да кажиме дека сме задоволни од освоените бодови, но не и во целост од прикажаната игра на која реално дирекно влијаеше одложувањето на натпреварувачката сезона. Костурот на екипата ќе биде сочуван и засега некои најави за заминување немаме“, вели Ќушкоски.

Ќушкоски вели дека клубот е во план да донеси неколку играчи и во пролетната полусезона очекуваат пласман во Втората лига.

„Ние како клуб сметаме дека за нас најголеми засилувања ќе бидат враќањето на нашите играчи кои од здравствени причини неможеа во континуитет да бидат на располагање на екипата. Секако во план ни се 3-4 нови играчи, со кои би се подигнал квалитетот и би се зголемила конкуренцијата во самата екипа. Очекуваме дека ќе имаме интересна и занимлива пролет и секако очекуваме пласман на Караорман во Втората македонска лига, со што би се реализирала нашата зацртана цел пред почетокот на натпревувачката сезона“, ни изјави Ристе Ќушкоски.

Третолигашот од Струга на 17. јануари ќе ги започне подготовките за пролетната полусезона во Третата лига – Југозапад.

„Подготовките ги започнуваме на 17. јануари со промена на стручниот штаб каде на местото на досегашниот тренер Здравко Цветаноско доаѓа младиот и амбициозен тренер Илче Перески кој заедно со неговиот стручен тим ќе ги водат подготовките за пролетниот дел од натпреварувачката сезона. Сакаме да напомениме дека со пројавените и нескриените амбиции на управата на нашиот клуб за пласман во повисок ранг се разбуди и жарот кај струшката фудбалска публика која ни дава огромна енергија да продолжиме во реализацијата на нашиот проект „Караорман 2023 – 100 години фудбалски клуб Караорман“, завршува претседателот на Караорман, Ристе Ќушкоски.

Караорман есенскиот дел го заврши на второто место на табелата со 28 бодови, еден помалку од есенскиот шампион Воска од Охрид.

Reklama

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!