Игор Ангеловски: Со проверени сили во квалификациите за СП

Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски по објавувањето на списокот со повикани фудбалери за натпреварите против Романија (25. март, Букурешт), Лихтенштајн (28. март, Скопје) и Германија (31. март, Дуизбург) од квалификациите за Светското првенство 2022 вели дека повиканите фудбалери се подолг период заедно и заслужуваат место во Националниот тим.
Списокот е составен од играчи кои беа дел од репрезентацијата веќе подолг период. Може да се забележи дека 99% од повиканите играчи се оние истите кои претходно го понесоа товарот, играа во Лигата на нации и квалификациите за ЕП и успеаја да ѝ го донесат историскиот успех на Македонија со пласманот на Европското првенство за прв пат во својата историја во сениорска конкуренција, нешто на кое чекавме од нашата независност.
Како човек и како селектор, никогаш не би му го одземал правото на некој да биде дел од националниот тим, а тоа да го заслужува и со односот кон репрезентативниот дрес и со постигнатите резултати преку повеќегодишна макотрпна работа, изјави Ангеловски.