ФудбалФудбал - ПРВА ЛИГА

И Стефан Коцев се враќа во својот клуб: Петто засилување во летниот преоден рок!

Брегалница продолжува со заокружување на играчкиот кадар за враќањето на прволигашката сцена, со ангажманот и на петтото засилување во летниот преоден рок. Најново име во редовите на „сините“ е уште еден повратник, деснокрилниот дефанзивец Стефан Коцев.

27-годишниот Коцев кој е дете на фудбалската школа на Брегалница, повторно се враќа во својот клуб по интернационалната кариера. Изминатава сезона настапуваше за косовски Призрен, а претходно беше дел и од грчки Аспропиргос како и од косовскиот прволигаш Лирија. На домашната сцена, покрај за Брегалница, од 2018 до 2020 година настапуваше и за кратовски Силекс.

„Продолжуваме со основната определба околу креацијата на новиот состав единствено со докажани имиња кои треба да донесат нов квалитет во нашиот тим. По Бобан Георгиев во својот клуб враќаме уште едно штипско дете, веќе докажан интернационалец изминативе години“ – вели спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев по потпишувањето на договорот со Коцев.

Од претходно, како што е познато, нови членови на Брегалница се и поранешниот бугарски репрезентативец Иван Минчев, кој игра во средниот ред, како и крилниот офанзивец Бобан Георгиев кој пристигна од редовите на Борац Бања Лука. Засилена е и одбраната со македонскиот дефанзивец Даниел Мојсов и Хрватот Антонио Азиновиќ.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!