Херојска победа на Саса со играч помалку над Осогово среде Кочани, Кожуф го декласираше Росоман

Фудбалерите на Каменица Саса запишаа голема победа од 0:2 на „Никола Мантов“ во Кочани над екипата на Осогово, во натпревар од 20. коло од Втората лига – Исток.
Борбен и цврст натпревар, со многу шанси за погодоци. Победата и трите бодови за Саса добиваат на тежина, бидејќи екипата цело второ полувреме играше со играч помалку и мудро ја чуваше предноста.
Саса дојде до рано водство од 0:1 во 7. минута од натпреварот со гол на Дуков Сашо. Осогово се налути и започна со притисок кон голот на противникот, се редеа шанси, но реализација немаше, па на полувреме се замина со минималната предност за гостите.
На стартот од вториот дел Ричков Андреј заработи втор жолт картон и беше исклучен од игра, па гостите останаа со играч помалку цело второ полувреме. Осогово беше агресив, го напаѓаше противничкиот погодок, имаше голем број на шанси, слободни удари и повеќе изведени корнери, но реализација немаше. Поради многуте прекини во вториот дел судијата Бартон го продолжи натпреварот за пет минути. Во последните секунди од натпреварот Саса доби слободен удар, а Марковски Виктор ја стресе мрежата на Андов со помош на живиот ѕид за конечни 0:2.
>> ЦЕЛАТА ТАБЕЛА ОД ВТОРАТА ЛИГА ИСТОК ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА ОВДЕ <<
Росоман 1:4 Кожуф
Сосема очекувана беше победа на Кожуф над Росоман. Гостите од Гевгелија без никакви проблеми стигнаа до осмата сезонска победа, откако денес славеа со 1:4 над „фенерџијата“.
Росоман дојде прв до водство уште во 2. минута, кога Јовановски Филип ја погоди мрежата на гостинот од Гевгелија. Радоста траеше само до 11. минута, кога беше досуден пенал за Кожуф, а одговорната ја презеде Јаневски Андреј кој успешно реализираше за 1:1. Пред самиот крај на првиот дел, Ристенски Раде постигна гол за 1:2 на полувреме.
Во вториот дел Кожуф играше подобро и веќе во 57. минута стигна до 1:3 со гол на Костадинов Никола. Само три минути подоцна Јаневски Андреј со втор гол ги постави конечните 1:4.
Росоман останува „забетониран“ на дното од табелата со само осум бодови, додека Кожуф изби на третото место на табелата со 32 бодови.
Колото ќе биде комплетирано во среда, кога ќе се одиграат останатите два натпревари кои денес беа одложени поради обилните врнежи од снег. Тиквеш ќе гостува кај Победа, додека Радовиш на домашен терен го чека дуел со разиграниот Кит Го.
�оментари