ФудбалФудбал - Останато

Хаџи Стефан Ристиќ: Не е сè толку црно во Македонија, Ви посакувам се најдобро на ЕП!

Хаџи Стефан Ристиќ е роден во Србија, меѓутоа цел живот му е поврзан со Северна Америка. Има 29 години, PRO лиценца и докторат по спортски науки. После Канада, Домениканска Република, Катар и Естонија, младиот тренер се појави и во Македонија каде што помина една сезона во веројатно најлошиот клуб во историјата на Втора лига на Македонија – Питу Гули од Крушево, а сега повторно се врати во Santo Domingo каде што во втор мандат ќе ги предводи Delfines Del Este, учесници на CONCACAF Лига Шампиони.

„Не му замерувам ништо на никој. Иако секогаш го давав својот максимум имав и јас свои испади и грешки горе, меѓутоа Крушево е место без амбиција. Истиот тој град, да е во било која држава на светот би бил најбогат. Така и во фудбалот, луѓе без амбиција. А сепак, ФК Питу Гули има историја, не е клуб од вчера и нема да е клуб до денес. Крушево како место нуди огромен потенцијал за спорт. Големо е искуство позади мене и јас сум благодарен на шансата. Тој клуб ваков каков што е моментално ја има мојата поддршка, како навивач, добри луѓе се сега во клубот, а на самиот град Крушево и на луѓето им ја посакувам сета среќа. Не постои ниту еден човек од Крушево на кој нешто му замерувам, сите ние го сакавме само најдоброто за клубот, можеби на различни начини, но сигурен сум дека никој немал лоша намера”, вели Хаџи Стефан Ристиќ.

Што мислиш дека е најголем проблем во фудбалот во Македонија ?

„Како и во Србија, така и во Македонија има доста проблеми. Меѓутоа, нешто што во Србија не може да се случи е да тренери без соодветни лиценци да водат тимови во било која лига во системот, што во Македонија навидум е сосема нормално. Тренери еден на друг си ја позајмуваат лиценцата, па тоа го нема никаде во светот освен во Македонија. Нешто тука не е како што треба, системот за едукација на тренери во Македонија не работи како што треба, ФФМ очигледно не врши одредени контроли и тоа е тоа, топката сепак се врти“, изјави младиот тренер.

Дали во Македонија има таленти ? Продажбата на играчи е на ниско ниво ?

„Ако добро се сеќавам, најголем трансфер во историјата на Македонија е околу 1м, го направи Работнички, а само оваа сезона Партизан продаде 3-4 играчи за вкупно околу 40м. Тоа не значи дека нема таленти. Политиката на клубовите е доста лоша, играчите не им се на прво место и затоа и цените се така ниски. Погледнете што се случи во Кратово пред неколку недели, доколку некој навистина се грижеше за играчите таа утакмица немаше ни да се одигра воопшто. Во блато се пуштаат свињи да се валкаат, а не фудбалери, спортисти. Меѓутоа, очигледно фудбалерите се “последна дупка на свиралото” на клубовите и сојузот. Некој донел одлука да се игра, тој некој не е казнет, повторно кажувам, топката сепак се врти и македонскиот фудбал сеуште оди по ист пат. Дали тоа е добар пат, сами проценете… Таму е нормално тренерот да ги навредува играчите, нормално е и два тренери за време на утакмица да се пцујат и навредуваат истотака…“, вели Ристиќ.

Се почесто гледаме и жалење на клубовите од судиите во македонската лига.

„Мора некаде да се најде алиби. Не им даваш плата редовно на играчите, терените се како ниви и езера, одредени тренери без соодветна едукација, или пак не си доволно спремен за одреден поголем пласман, нормално е – судијата е крив. И после некоја утакмица клубот излегува со став: “НЕ ДЕКА БАРАМЕ АЛИБИ, АМА СУДИИТЕ…” Ма какви судии, на играчите не си им обезбедил сместување, платите кои иначе им се доволни само за кафе не си им ги иплатил 3-4 месеци, да не ти е општината ниту автобус не би имал да платиш и сега судиите не те сакаат, сите се против тебе, ма дај. Балкански менталитет, не е тоа само во Македонија. Не викам дека судиите во Македонија се сјајни, но не се разликуваат многу ниту од една од балканските држави. Треба да ги оставите тие луѓе да си ја вршат својата работа и да се фокусирате на ред озбилни проблеми кои клубовите ги имаат во внатрешноста на своите редови. Прво исчисти го својот двор, потоа учи ги ѓубретарите да го чистат градот“, рече Ристиќ.

Дали мислиш дека државата посветува доволно внимание на спортот во Македонија ?

„Всушност, да. Барем кога зборуваме за фудбал конкретно. Агенција за спорт и млади во Македонија гради стадиони, доделува ваучери, помага колку што може. Македонија не е богата држава па да може да обезбеди кој знае какви услови, но мислам дека нивните напори се максимални. Меѓутоа, залудно е да изградиш стадион ако нема кој да го одржува или ако дојдат 200-300 луѓе. Всушност, ти даваш максимум, ќе им направиш се за после 2 години тоа повторно да е нива. И сето така во круг“, изјави младиот тренер.

Што мислиш дека би можело да се промени ?

Во секоја држава која е на почеток како Македонија, фудбалскиот сојуз ја контролира финансиската конструкција на клубот. Мора да покажеш доволно средства за да играш во лигата во која сакаш, секој играч мора да ти е под договор, аматерски или професионално не е важно, но договор мора да постои. Договор со превозник за утакмици истотака, со секој еден вработен истотака договор. Кога сите овие работи ќе ги имаш на хартија, може да направиш финансиска конструкција, потоа да докажеш дека имаш средства за сето тоа, па после повели и играј за лигата за која си спремен или ако не си, немој да играш. Во Македонија сите почнуваат лига, па пола од тимовите застануваат на пола пат затоа што немаат пари, или застанува или кука и моли за помош. Не оди тоа баш така”, заклучува Ристиќ.

Според тебе, дали има некои позитивни страни во Македонија и кои се ?

Секако. Еве само пред неколку недели, меч во Штип беше суден само од жени и перфектно си ја завршија работата. Тоа е за пример на сите во светот. Ги тргаме и потиснуваме жените во фудбалот, а тие ако ништо друго барем култура може да ни донесат, што е многу важно затоа што ни недостасуа тоа. Освен тоа, Македонија е чист пример како заедништво може да донесе резултат. Залудно сме сите Срби во Српска Репрезентација кога европското првенство ќе го гледаме од фотелја. Во Македонија има Албанци, Турци, Македонци и нивни заеднички успех е што ја однесоа Македонија на европско и таа нација ја направија горда. Би сакал да го споменам и господинот Игор Ангеловски. Зеде репрезентација која се распаѓаше, поврза конци, националности, поврза луѓе пред се и го одведе тимот на европско првенство. Тој човек е нешто најпозитивно што сум видел во Македонија и доколку не му се понуди нов договор тоа ќе биде голема срамота”, смета младиот тренер.

Што за крај би имале да им кажете на нашите читатели ?

Денес сите ние имаме иста желба, да останеме здрави. Тоа и ви го посакувам на сите вас. Истотака, за крај би ви посакал среќа на европско првенство, ќе навивам од срце за вас, за секој ваш Македонец, Албанец, Турчин!”, завршува Хаџи Стефан Ристиќ.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!