Грнев: Заслужена победа против Росоман, иако мораше да биде поубедлива

Фудбалерите на Кит Го продолжуваат со победите во Втората лига – Исток, па сега веќе цврсто запоседнувајќи ја третата позиција на табелата, веднаш зад Брегалница и зад Тиквеш.
Заслужена победа на екипата од Пехчево и против Росоман, но шефот на стручниот штаб Емил Грнев вели дека морала да биде и поубедлива во поквалитетно издание. На крајот, сепак, задоволство е кога се освојуваат бодовите и во неубедливи изданија.
„Не може да бидам задоволен од играта во второто полувреме низ кое очигледно премногу се олабавивме. Одлично го почнавме натпреварот и веќе до 14. минута имавме предност од 2-0. Потоа мораше натпреварот да го приведеме кон помирна завршница. Но, место тоа, се опуштивме и дозволивме по наша грешка гостите да намалат. Мора да бидеме посериозни при едни вакви натпревари. Но, и од сето ова добро е да се извлечат поуки за да не ни се случува исто во иднина. Во секој случај добро е што се победува и кога не се игра најдобро. Добро е што и при едно такво второ полувреме победата воопшто не беше доведена во прашање“ – вели Грнев.