ФудбалФудбал - ПРВА ЛИГА

Горан Станковски нов спортски директор на Работнички

Работнички го именуваше Горан Станковски за нов спортски директор на клубот. Во иднина, тој ќе биде задолжен за спортските прашања во клубот, трансферната политика, но и еден спој меѓу раководството, стручниот штаб, фудбалерите од сениорскиот погон, како и фудбалската академија на ФК Работнички.

Интернационалното искуство кое Горан Станковски го имаше како фудбалер и репрезентативец, како и тренерската улога, но и селекторската позиција во младите селекции на Македонија, сега треба да бидат обединети во функцијата спортски директор на ФК Работнички, во носењето на важни одлуки за спортската иднина на нашиот клуб.

„Чест ми е што добив една ваква значајна функција во Работнички и сакам да му заблагодарам на претседателот Драган Поповски за укажаната доверба. Мислам дека во фудбалската и тренерската кариера имам доволно искуство кое можам да го обединам во функцијата спортски директор на клубот. Апсолутно се пронаѓам во овој нов предизвик, се работи за креативна, но и мошне одговорна работа, функција која треба да се извршува со максимална посветеност. Секако, ќе работам во насока на продолжување и унапредување на стратегијата на ФК Работнички за форсирање млади и талентирани фудбалери во сениорскиот тим кои ќе добијат шанса да се наметнат и потоа да направат трансфери во странство. Овој клуб е лидер на тој план во Македонија и ќе се трудиме таа стратегија уште подобро да ја развиеме“, вели новиот спортски директор на клубот, Горан Станковски.

За нов шеф на стручниот штаб е именуван Александар Влахо, со што Работнички ги пополни виталните функции во клубот во пресрет на стартот на зимските подготовки. Во наредните неколку дена ќе бидат ангажирани неколку нови засилувања, како освежување на тимот за пролетниот дел од првенството.

Првиот собир и стартот на подготовките за пролетниот дел од сезоната е закажан за 8. јануари, со почеток во 12 часот, во клупската база.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!