Глигоров утре со прва прозивка, Вардар Неготино ги „пали моторите“ за поход по Втора лига, договорени неколку засилувања

Третолигашот Вардар Неготино утре ќе означи старт на подготовките за пролетниот дел од Третата лига – Југ.
Шефот на стручниот штаб Никола Глигоров утре ќе го има првиот собир со екипата и ќе биде одработен првиот тренинг. Искусниот тренер ќе има задача да го искачи неготински Вардар на врвот во Третата лига – Југ и со тоа да обезбеди промоција во Втората лига – Исток, што е стартна цел на клубот за тековната сезона.
„Костурот“ на екипата е сочуван, односно никој не го напушта клубот, а дополнително ќе биде засилен со 6 до 7 нови играчи кои ќе треба да го подигнат нивото на клубот.
Во изјава за Спортска Мрежа, претседателот на Вардар Неготино, Горан Алтанџиев ги потврди новите засилувања.
„Одбранбениот ред го засилуваме со Благој Темков кој доаѓа од редовите на второлигашот Росоман. Средниот ред го засилуваме со искусниот Никола Вареловски – Ники, кој исто така доаѓа од редовите на Росоман. Нападот го засилуваме со повратникот во Вардар Неготино, Чаушев Миле кој доаѓа од екипата на Марена, додека на голманската позиција ни доаѓа Јанев Дончо од екипата на Габер од Ваташа“, ни изјави претседателот на клубот.
Вардар Неготино во следниот период ќе се засили со уште неколку играчи.
„За неколку денови ќе бидат договорени уште 2 до 3 засилувања и ќе го заклучиме и онака долгиот список на фудбалери кои ќе ги има на располагање на тренерот Глигоров. До овој момент ниту еден фудбалер не го напушта клубот“, додава Алтанџиев.
Есенската полусезона Вардар Неготино ја заврши на шесттата позиција со 19 бодови, девет помалку од лидерот Локомотива од Градско.
Еден Коментар