ФОТО: Воска посочи според момент на судиската тројка, се жали за неоправдано поништен гол во Битола

Воска Спорт во судиското надополнување успеа да постигне гол и да остане непоразена во 6. коло од Втора лига, откако во дербито во Битола одигра 1:1 против Пелистер.
По завршувањето на натпреварот охридскиот второлигаш, кој има за цел да обезбеди историски влез во Прва лига, посочија на грешка на судиската тројка, откако при негатива од 1:0, охриѓани преку Изаир Емини постигнаа погодок, но истиот беше поништен од страна на главниот судија поради офсајд позиција.
Воска Спорт со фотографија посочува дека погодокот неоправдано бил поништен.

„И покрај 3 поништени гола на крајот се враќаме непоразени од Битола! Воска Спорт на денешниот натпревар, освен што на зелениот терен играше против екипата на Пелистер, на истиот моравме да одиграме и проотив судиската тројка предводена од Младеновски, а на крајот од средбата и против бесните домашни навивачи, кои во најголемиот дел од натпреварот ги навредуваа албанците на национална основа. Вака може да се опише текот на натпреварот од 6-то коло против Пелистер во Битола, каде на крајот ремизиравме со резултатот 1:1. Да имаше вистинска правда, Воска Спорт веројатно од ова тешко гостување ќе се вратеше со полни 3 бода. Зошто кажуваме едно такво нешто ? Ретко се случува на една екипа да му бидат поништени 3 гола на еден натпревар, од кои два беа регуларни. Се започна со поништениот гол на Бехар Фета во првото полувреме, кога може да се каже дека нашиот играч беше неколку сантиметри пред играчите на Пелистер и со право голот беше поништен, меѓутоа едно такво нешто не може да се каже за поништените голови во вториот дел на Вахит Мурати и Изаир Емини. Нашиот капитен постигна чист гол во 90-та минута, и истиот не беше во офсајд позиција кога од непосредна близина со глава ја погоди мрежата на Петроски. Иљас Чиљафи од левата страна центрираше внатре во казнетиот простор, каде најпрвин Ален Јашаровски го доби воздушниот дуел со Драгарски, за да топката стигне до Емини, на кој не му беше тешко да постигне гол со глава, но неговото славје неправедно беше одземено од судиите на оваа средба. Сепак, правдата дојде на свое место во 92-та минута, кога на сцена повторно стапи Изаир Емини, кој на најдобар можен начин го искористи уфрлањето на топката во казнетиот простор од страна на Албин Рамадани. Заслужена прослава на крај за нашите фудбалери, но и за верните навивачи на тимот на Воска Спорт кои отпатуваа во Битола за да не бодрат, за на крај заедно го прославивме овој бод кој вреди повеќе од 3 бода, можеби, после сите тие неправди што ни ги нанесе судиската тројка на зелениот терен“, се вели во соопштението на Воска Спорт.
По шест одиграни кола во ВМФЛ, Вардар е на врвот со 16 бодови, два помалку има второпласираниот Гостивар, потоа следуваат Воска и Пелистер, кои со по 13 бодови ја делат третата позиција на табелата.