ФОТО: Во Прилеп се игра дерби за есенската титула на Истокот, Детонит домаќин на Саса

Денес на Градскиот стадион во Прилеп се игра големото дерби на Истокот за есенската титула меѓу второпласираната Победа и првопласираната Слога од Виница. Дуел од голема важност и за двете екипи кои имаат единствена цел – нов триумф и три бодови.
Прилепчани во претходното коло одиграа под очекуваното и беа понижени од Саса со високи 3:0, ваквиот „кикс“ го искористи Слога која беше убедлива над Локомотива и се врати на врвот од табелата со два бода предност.

Домашниот терен ќе биде од голема предност за Победа, „Гоце Делчев“ сигурно дека ќе биде полн и тоа ќе биде голем притисок за гостите од Виница. Првиот нивен меѓусебен дуел одигран во Виница заврши со триумф за Слога од 2:1, а традицијата е на страната на виничани.
Меѓусебени дуели Победа – Слога:
Слога – Победа (2:1) 18.09.2021 Втора лига – Исток
Победа – Слога (0:0) 10.04.2021 Втора лига – Исток
Победа – Слога (1:1) 06.03.2021 Втора лига – Исток
Слога – Победа (2:0) 24.10.2020 Втора лига – Исток
Слога – Победа (1:0) 08.08.2020 Пријателски натпревар
Слога – Победа (0:2) 08.02.2020 Пријателски натпревар
Интересен дуел ќе има и во Радовиш каде Детонит ќе биде домаќин на Каменица Саса. Радовишани под водство на Илија Сасански бележат позитивни резултати и чекорат кон сигурен опстанок во второлигашкото друштво и за следната сезона, а од друга страна Саса конечно се врати на победничките патеки, убедливиот триумф над Победа е мотив плус за продолжување на серијата позитивни резултати и во Радовиш.

За Детонит се освен пораз ќе биде позитивен исход од натпреварот, додека пак Саса со евентуален „кикс“ може да се спушти до четвртото место на табелата и со тоа да направи голема резултатска негатива во однос на првото место.
Беласица на домашен терен го чека Кожуф кој сезонава не игра според очекуваното. Домашниот терен и формата ја фаворизираат Беласица за осмо сезонско славје. Второлигашот од Гевгелија се наоѓа во опасната зона за испаѓање во Третата лига, а доколку денес загуби тогаш ќе го очекува сериозна борба за задржување на второлигашкиот статус и за следната сезона, со оглед на фактот Детонит во претходното коло му „откина“ два бода на Кожуф среде Гевгелија.

Локомотива во Градско ќе се соочи со Осогово кој влезе во победничка серија и се проби до петтото место на табелата. Само триумф против „жетварите“ ќе ги одржи надежите на Локомотива за опстанок во Втората лига, во спротивно „битката“ за опстанок ќе се закомплицира значително.

Кит Го на Градскиот стадион во Штип против Братство ќе бара враќање на победите, а токму денес е идеална шанса за тоа. Екипата на Кит Го ја има фаворитската улога на своја страна против второлигашот од Житоше кој е „забетониран“ на дното од табелата со само четири бодови по 12 одиграни натпревари.
Сите натпревари ќе започнат во 13:00 часот.