
Вечерва беше комплетирано 12. коло од Првата футсал лига на Македонија со што беше комплетиран и есенскиот дел.
„Фенерџијата“ Велес конечно се израдува на првиот сезонски триумф откако на домашен терен со 9:6 славеше над Шкендија од Тетово, а голема заслуга има голманот на домашните Пандил Думиќ – Буфон кој при резултат 3:2 одбрани пенал, а пак на 4:4 фати два зицера и ја остави својата екипа во игра за трите бодови.
Даниел Боневски и Александар Трпковски постигнаа по три погодоци, двоен стрелец беше капитенот Зоран Тасески, а стрелец на еден погодок беше Мартин Калчев. Кај гостите од Тетово Агон Хашими и Едис Муртазани постигнаа по три погодоци.
Шкендија мечот го одигра со играч помалку од 12. минута, откако Аљтин Салихи заработи втор жолт картон поради недозволен старт.

Актуелниот шампион Проект со сигурни 5:8 славеше над Еханлон на гостувањето во Струга. Двојни стрелци за гостите од Валандово беа Иван Крстевски и капитент Дарко Ранготов, а по еден погодок во „Тими“ постигнаа и Драган Петровиќ, Мартин Мехмединовиќ, Александар Михајлов и Димче Андов.
За домашните двојни стрелци беа Џавит Лимани и капитенот Нико Пластиновски, а Арди Полиси беше стрелец на еден погодок.

Есенски првак е Шкупи кој со 36 бодови ќе презими на врвот од табелата, а пак актуелниот шампион Проект ќе презими како втор со три помалку.