ФОТО: Тиквеш со успешна есенска полусезона, кавадаречниот прволигаш ќе води борба за Европа

Денес беше затворена есенската полусезона во Првата македонска фудбалска лига со натпреварите од 18. коло.
Тиквеш заокружува повеќе од успешна есенска полусезона, откако кавадаречкиот прволигаш заврши на високото четврто место на табелата.
Во пролетниот дел сосема сигурно Тиквеш ќе води борба за излез во Европа. Кавадарчани имаат 26 бодови и се наоѓаат на четвртото место, а исто 26 бодови има и Силекс кој е место подолу. Што се однесува до местата кои водат во Европа, Тиквеш има само два бода помалку од Шкендија која заврши на третото место, сепак, треба да се напомене фактот дека Шкендија има меч помалку од кавадарчани.

Со прикажаната игра Тиквеш ќе биде конкурентен за излез во Европа, а сигурно ќе има и квалитетни засилување за уште поголем притисок кон Шкендија, Шкупи и лидерот Струга, односно кон местата за Европа.
Тиквеш одигра 17 натпревари и забележа осум победи, две ремија и седум порази. На овие натпревари фудбалерите на Тиквеш постигнаа 25 погодоци, а примија 21.
Пролетниот дел Тиквеш го отвара на домашен терен со лидерот Струга, а овој меч е закажан за 19. февруари.