ФудбалФудбал - ПРВА ЛИГА

ФОТО: Шкупи го уништи Работнички за едно полувреме, Струга гази сѐ пред себе, по три бода за Тиквеш и Победа

Новиот почеток на Гоце Седлоски на клупата на Чаир се покажа како од соништата, откако шампионот Шкупи до врв ја наполни мрежата на Работнички (5:0). „Романтичарите“ го забележаа вториот највисок пораз сезонава, откако во 2. коло беа декласирани на домашен терен од Академија Пандев со 0:5, денес беа декласирани и на Чаир со високи 5:0. Денешниот убедлив триумф беше највисок за Шкупи во 26-те меѓусебни дуели.

Резултатот го отвори Маргбелашвили Гаги уште во 4. минута од мечот, а по четири минути игра Фати Исмаиљи заработи директен црвен картон поради неспортско однесување, спречување шанса за гол.

Целата игра на „романтичарите“ се сруши со исклучувањето на Исмаиљи, откако во 28. минута Реналдо ја дуплираше предноста на 2:0 за шампионот.

Не требаше многу време за нов гол, откако Пепи Ѓоргиев во 38. минута ја стресе мрежата на Алексовски, а по само две минути игра Алексовски по четврти пат капитулираше на Чаир, кога Да Силва погоди за 4:0 на полувреме.

Во 78. минута од мечот Алварез ја стресе мрежата за убедлив триумф од 5:0 за шампионот Шкупи, кој ја прекина лошата серија резултати, откако по девет дена на клупата се врати повторно Гоце Седлоски.

ФОТО: Спортска Мрежа

Тиквеш нанижа втора победа во низа, откако денес во Кавадарци на домашниот терен со 2:1 славеше над Академија Пандев. Кавадарчани го забележаа првиот триумф во дуелите со „пандевци“.

Тиквеш тргна одлично во првиот дел од мечот, откако резултатот го отвори рано во 13. минута со гол на Нгоба, кој беше прв стрелец и против Шкупи во убедливата победа на кавадарчани.

Веќе во 25. минута Иван Ивановски ја дуплираше предноста на 2:0. Интересно е тоа што Ивановски беше втор стрелец и против Шкупи, кога Нгоба го отвори резултатот на тој дуел.

„Пандевци“ во 37. минута преку Димитар Митровски намалија на 2:1 на полувреме, со што струмичани во вториот дел влегоа со гол негатива. Сепак, во вториот дел мрежите мируваа и на двете страни со што резултатот (2:1) од првиот дел стана конечен.

Старо-новиот тренер Александар Васоски на своето второ деби на клупата на Академија Пандев забележа пораз, додека пак Ѓорѓи Мојсов заедно со Трајче Орешков и Александар Митрев забележаа нов триумф за три дена, откако во средата со високи 3:1 славеа над шампионот Шкупи.

Струга Трим Љум продолжува гази сѐ пред себе, откако денес покрај езерото го згази и Скопје со убедливи 3:0. Струга има седум од седум и со максимални 21 бод е на врвот од табелата, стружани и дефинитивно сериозно чекорат кон историска титула во домашното првенство.

Резултатот покрај езерото го отвори Христијан Малески, кој погоди од белата точка во 34. минута за водство на Струга Трим Љум на полувреме.

На стартот од вториот дел голгетерот Бесарт Ибраими ја дуплираше предноста на Струга на 2:0 со што „пиратите“ од Автокоманда беа пред речиси нов сезонски пораз. Конечните 3:0 ги постави Буњамин Шабани во 72. минута.

Победа се израдува на првиот сезонски триумф, откако на домашен терен со минимални 1:0 славеше над штипска Брегалница. Херој на мечот беше Бојан Спиркоски кој го обезбеди првиот сезонски „плен“ за голема радост на прилепчани и верните навивачи, со гол постигнат во вториот дел на „Гоце Делчев“.

Вчера, Силекс со минимални 0:1 славеше над Македонија Ѓорче Петров на гостински терен, а стрелец на единствениот погодок беше резервистот Дамјан Масевски.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!