ФОТО: Осогово и Тиверија се „распукаа“, по три бода за Рудар и Малеш, падна СЕДУМКА во Свети Николе

Денес започна новата сезона од Третата македонска фудбалска лига – Исток, а екипите на стартот од истата се „распукаа“ и предизвикаа дожд од голови.
Првото коло ја донесе и најубедливата победа за Осогово, кој на домашен терен со убедливи 6:0 ја декласираше Победа од Валандово и најави дека сака експресен кам-бек во второлигашкото друштво, од кое испадна минатата сезона.
Капитенот Тоше Манов со хет-трик му посака „добредојде“ на тимот од Валандово, кој по неколку сезони се враќа во третолигашкото друштво на Истокот. Двоен стрелец на „жетварите“ беше Драган Цветанов, а еден гол беше дело на Никола Стоиловски.
Малеш на крилата на Мухамед Исмаили, кој беше двоен стрелец тримфураше над Карбинци на гостински терен.
Исмаили го реши натпреварот во Карбинци, откако во 27. минута погоди за 0:1, а во 53. минута ги постави конечните 0:2.

Рудар на стартот од новата сезона забележа висока победа од 3:1 над Дојранско Езеро на домашен терен. Гостите од Дојран имаа водство на полувреме од 0:1 со голот на Петар Илеив постигнат во 34. минута.
Во вториот дел „рударите“ брзо се вратија во игра, откако во 55. минута Марио Атанасовски израмни на 1:1 со што домашните се вратија во рамноправна борба за целиот „плен“. Веќе во 74. минута Рудар преку Антонио Стојчов дојдо до водство од 2:1. Неизвесноста за трите бодови влезе и во финишот од мечот, кога Атанасовски со втор гол ги постави конечните 3:1 за голема радост на домашните навивачи.

Луд меч се одигра во Свети Николе каде „падна“ седумка. Ланскиот шампион со 4:3 славеше во дуелот со засилениот Спартмани.
На полувреме резултатот беше 1:0 за домашниот тим, а резултатот го отвори Марио Панев уште во 8. минута. Во вториот дел Никола Трајков израмни на 1:1 во 52. минута, а по една минута игра Дарко Нацев го врати водство за домашните од 2:1. По пет минути игра Панев со втор гол ја зголеми предноста за домашниот тим на 3:1.
Шампионот се разигра и преку Николче Симонов во 64. минута дојде до високи 4:1. Гостите од Градско Балдовци преку Мите Митров кој беше двоен стрелец намалија на 4:3, откако стрелаше во 75. и 77. минута од мечот. До крајот на натпреварот мрежите мируваа, а трите бодови останаа дома.

Тиверија новата сезона ја започна со убедлива победа, откако во Богданци испука „петарда“ 1:5 против повратникот Вардарски.
Повратникот во Трета лига – Исток, Вардарски прв го отвори резултатот, откако Димитар Пеев успешно погоди од белата точка за 1:0. Радоста за домашниот тим траеше кратко, откако Ване Новков во 11. минута погоди за 1:1, а веќе во 20. минута Александар Марков погоди за водство на Тиверија од 1:2.
По пет минути игра Васко Трајков постигна гол за водство од 1:3 за струмичани на полувреме.
Во вториот дел Тиверија ја продолжи голеадата на Градскиот стадион во Богданци, откако најпрво Новков со втор гол ја зголеми предноста на 1:4, а пак Борче Спасов во 80. минута погоди за конечни 1:5.
Брегалница Делчево сезоната ја започна со пораз од Академија Чешиново-Облешево од 2:1 на гостински терен.
Трите погодоци паднаа во првиот дел, а домаќинот прв дојде до водство од 2:0 со погодоци на Славче Јакимов и Михаил Јакимов. Конечните 2:1 ги постави Дарко Пешовски во 45. минута од мечот, односно пред крајот на првиот дел.