ФОТО: „Лавовите“ ги торпедираа „Пандевци“, реми на Чаир, Скопје славеше над Струга Трим Лум

Денес се одигра вонредното 17. коло од Првата македонска фудбалска лига. Скопје на домашен терен со минимални 1:0 славеше над Струга Трим Лум. Трите бодови ги обезбеди капитенот Христијан Кировски во 78. минита од мечот одигран во Автокоманда.
Дербито на колото одирано во Чаир меѓу лидерот Шкупи и шампионот Шкендија заврши без победник (1:1). Гостите од Тетово преку Синдрит Гури во 70. минута први дојдоа до водство, а Алварез Родригуез Фреди Антонио на четири минути пред крајот на мечот погоди за конечните 1:1.
Борец го доби дербито од дното на табелата со Пелистер, откако во Битола славеше со 1:3. Гостите од Велес први дојдоа до водство со гол на капитенот Ѓорѓи Ѓорѓиев во 24. минута од мечот, а за помалку од 60 секунди домаќините преку Дарко Размоски намалија на 1:1. Во вториот дел Ѓорѓиев со втор гол и Крста Ѓорѓевиќ ги поставија конечните 1:3.
„Лавовите“ ги средија „Пандевци“ откако во Ѓорче го добија дуелот со 4:1. Првиот дел заврши со водство од 2:0 за Македонија Ѓорче Петров. Стрелци беа Лемос Да Силва Матхеус и Арби Воша. Во вториот дел Воша со втор гол и Јован Попзлатанов зголемија на високи 4:0, а во финишот од мечот Нунес Сантос Каио Лукас ги постави конечните 4:1.

Брегалница го забележа првиот пораз на домашен терен откако загуби со 1:2 од Работнички на Градскиот стадион во Штип. Првиот дел од натпреварот заврши со мирни мрежи, а во вториот паднаа дури три погодоци. Штипјани имаа неколку прилики да го отворат резултатот, но истите не беа реализирани, па затоа на стартот од вториот дел стигна казната од противникот, откако Марјан Ристовски погоди за 0:1 во 56. минута, а само четири минути подоцна Димитар Тодоровски ја дуплираше предноста. Веќе во 65. минута капитенот Мартин Стојанов ги постави конечните 1:2.

Ренова и Тиквеш го поделија „пленот“ во Тетово откако одиграа 1:1. Домашните преку Бурхан Мустафов први дојдоа до водство, а Барга Нгоба Анаел беше херојот за кавадарчани, и постигна гол вреден бод.