ФОТО: Кудијан погоди – но Пелистер носи три бода, големи победи за Детонит Плачковица, Воска и Гостивар

Денес беше отворена новата сезона од единствената Втора македонска фудбалска лига. На стартот од новата сезона најубедлива победа однесе Пелистер кој во Гевгелија славеше со 2:4 над Кожуф.
На полувреме резултатот беше 0:1 во полза на гостите од Битола, откако Бурхан Мустафов погоди во 45. минута од мечот. На стартот од вториот дел битолчани за два брзи гола на Јованчо Трајковски и Љавдрим Фазлију стигнаа до убедливи 0:3.

Кога сите мислеа дека трите бодови се обезбеди и сигурни, новото засилување, голгетерот Андреј Кудијан погоди и намали на 1:3 во 83. минута, а само две минути подоцна Христијан Бејков намали на 2:3 и Кожуф се врати во игра барем за бод.
Сепак, во 92. минута Никола Наумоски ги реши сите дилеми околу победникот, откако постигна гол за конечни 2:4 со што Пелистер ги обезбеди трите бодови.

Вардар потешко од очекуваното дојде до цел „плен“ на тешкото гостување во Чегране кај засилениот и амбиционзен нов второлигаш Арсими. „Вардарци“ до триумф дојдоа со погодокот на Дарио Десниќ постигна во 52. минута за победа од минимални 0:1.

Охрид со триумф ја започна новата сезона од Втора лига, откако на домашен терен со 2:1 беше подобар противник од Тетекс. Роберт Митев беше двоен стрелец за Охрид, додека пак за „штофарите“ погоди Никола Сарески во 76. минута.
Беласица на стартот од новата сезона се „сопна“, откако на гостувањето во Радовиш беше поразена со сигурни 2:0 од Детонит Плачковица.

Радовишани за новата сезона имаат високи цели, а денес тоа го потврдија со победа против струмичкиот фаворит. Резултатот го отвори Зоран Андонов уште во 11. минута од мечот за водство на Детонит Плачковица, а на стартот од вториот дел новото засилвуање Дарко Алексовски постигна погодок за дупла предност и конечен резултат од 2:0.
Големото дерби во Струга покрај Охридското Езеро меѓу повратникот Караорман и Воска Спорт заврси со триумф од 0:2 за охриѓани.
Резултатот беше отворен во 33. минута за водство на Воска Спорт од 0:1 на полувреме со голот на Изаир Емини, додека пак конечните 0:2 ги постави Бехар Фета во 53. минута од мечот.
Локомотива Пехчево на домашен терен беше поразена од Гостивар со резултатот од 2:3. Фаворитот дојде до посакувани три бодови, но за истите солидно се измачи.
Гостивар брзо дојде до водство од 0:2 со погодоците на Стојан Стојчевски и Емран Рамадани, додека пак Рејјан Абази во 42. минута намали на 1:2. По една минута игра Рамадани погодок по вторпат и го зголеми водство на 1:3 за Гостивар.
Во вториот дел од мечот, Локомотива Пехчево намали на 2:3 и се врати во игра барем за бод, но сепак на крајот резултатот од 69. минута стана конечен, а трите бодови заминаа за Гостивар.
Каменица Саса на домашен терен беше поразена од Беса од Добри Дол со резултат од 1:2. По мирните мрежи (0:0) во првиот дел, во вториот дел паднаа три погодоци, а гостите од Добри Дол дојдоа до водство од 0:2 со головите на Ардит Зеќири и Фитон Адеми постигнати во 49. и 68. минута. Во 79. минута „рударите“ преку Бошко Ступиќ намалија на 1:2, но до крајот немаа сили за изненадување и резултатот стана конечен, со што Беса го грабна целиот „плен“ на стартот од новата сезона.
Првото коло од новата сезона ќе биде комплетирано в среда со натпреварот помеѓу Борец и Слога Виница. Овој натпревар се игра во Велес со почеток од 17:00 часот.