ФудбалФудбал - ВТОРА ЛИГА

ФОТО: Гостивар е есенски шампион, Детонит Плачковица ја освои Виница, фаворитите сигурни до три бода

Гостивар со убедливи 5:1 го декласираше Караорман и стана есенски шампион во Втората македонска фудбалска лига.

24 часа лидер на табелата беше Вардар, кој вчера со 2:0 славеше над Кожуф во воведниот меч, но Гостивар денес со убедлива победа ја оправда фаворитската улога се врати на лидерското место и е есенски шампион во второлигашкото друштво.

Филип Петковски го отвори резултатот во 8. минута од мечот, а стружани преку Аљтин Лога израмнија на 1:1 во 27. минута од мечот. Само четири минути подоцна Петковски со втор гол донесе ново водство за Гостивар, а Танушев на две минути пред крајот на првиот дел постигна гол за 3:1 на полувреме.

На стартот од вториот дел искусниот Велинов стрелаше за високи 4:1, а во судиското надополнување Муарем Муарем постигна гол за конечни 5:1.

Пелистер ја преживеа Македонска Каменица и одвај се врати во Битола со цел „плен“, откако со 1:2 славеше над Каменица Саса. Христијан Драгарски го отвори резултатот за водство на Пелистер во 24. минута од натпреварот.

„Рударите“ го израмнија резултатот во 32. минута со голот на Мичковски од белата точка, но една минута подоцна Виктор Марковски си постигна автогол за конечни 1:2, откако во вториот дел мрежите мируваа и на двете страни.

Беса со двата погодоци на Гаши Генц дојде до својот шести сезонски триумф, откако со 2:0 беше подобра од Локомотива. Гостите последните пет минути од натпреварот ги одиграа со играч помалку, откако капитенот Најдовски заработи втор жолт картон и беше исклучен од игра.

Детонит Плачковица продолжи да „гази“ во Втората македонска фудбалска лига, откако во последното есенско коло со високи 1:3 славеше над Слога во Виница. Радовишани на своето конто ставија нови три бода и продолжуваат да прават притисок кон фаворитите за Прва лига. Слога никако да победи на домашен терен, денес го забележа својот деветти сезонски пораз, во натпревар кој гледачите на телевизија М Нет го следеа во ЖИВО.

На полувреме резултатот беше 1:1, а Слога преку Тасевски прва го отвори резултатот во 31. минута. Десет минути подоцна Димоски погоди за 1:1 на полувреме.

Во вториот дел Зоран Андонов ја стресе противничката мрежата и направи пресврт на резултатот со што од 67. минута радовишани беа во водство. Во судиското надополнување сите дилеми околу трите бода ги реши Димоски со втор гол за конечните 1:3.

Во Струмица поделба на бодовите, откако Беласица и Охрид одиграа 1:1. Струмичани имаа водство од 1:0 уште од 7. минута со голот на Александар Коцев, резултат со кој се замина и на полувреме. Во вториот дел Филип Ѓоргоски ја погоди противничката мрежа и го израмни резултатот на 1:1 во 74. минута од мечот, а шест минути подоцна Беласица остана со играч помалку на теренот, откако Михаилов заработи втор жолт картон и беше исклучен од игра, но тоа немаше влијание на резултатот, со што 1:1 беше и конечниот исход.

ФОТО: ФК Воска Спорт

Воска го декласираше „фенерџијата“ Борец со високи 6:0 и есенската полусезона ќе ја заврши на третото место на табелата. Фета и Мурати беа двојни стрелци за охриѓани, а по еден гол постигнаа Чиљафи и Јахији.

Тетекс ја продолжи длабоката резултатска криза и никако да запише позитивен резултат, а „штофарите“ денес беа поразени и од новајлијата Арсими, со двата погодоци на Имери за конечни 0:2.

ФОТО: ФК Вардар

Колку за потсетување, Вардар вчера со 2:0 славеше над Кожуф во воведниот меч со головите на Мицевски и Маркоски.

Лидер односно есенски шампион е Гостивар со 37 бодови, Вардар е втор со бод помалку, а трета е Воска со 34 бодови.

Во зоната за директно испаѓање остануваат Борец без бодови, Тетекс со 7 бодови и Слога од Виница со 10 бодови, а пак во бараж зоната е Саса со 13 бодови.

  • ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ВТОРА ЛИГА:

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!