ФудбалФудбал - ВТОРА ЛИГА

ФОТО: Голеадата во Гостивар ја доби Воска, охриѓани со голема победа над Фортуна!

Охридска Воска го доби првиот бараж натпревар, откако во меч со шест погодоци славеше над Фортуна со 4:2 на Градскиот стадион во Гостивар. Одличен натпревар со тактички надмудрувања во кој и двете екипи покажаа квалитет и желба за следната сезона да се натпреваруваат во Втората лига – Запад.

Резултатот беше отворен во 36. минута откако Џезаир Авдули стрелаше за водство на шампионот на Третата лига – Север. Пред крајот на првиот дел од натпреварот Насер Доко ја погоди противничката мрежа и донесе израмнување на полувреме (1:1).

Во вториот дел се играше отворено, а Фортуна прва стигна до ново водство со голот на Бехар Фета во 57 минута. Само две минути беа потребни за Меритон Мерко да донесе ново израмнување. Во 64. минута судијата Фуркан Идризи покажа на белата точка за охриѓани, а одговорноста ја презеде Мерко кој успешно реализираше за водство на Воска од 3:2.

Пред крајот на натпреварот Насер Доко имаше голема шанса да стави точка на натпреварот, но не успеа да реализира, а по една минута, во контра напад на охриѓани, Доко тргна сам по што испрати одлична топка до Мартин Нически, а овој сигурно ја смести во мрежата на Шерифи за конечни 4:2.

Сега Воска е со еден чекор во Втора лига – Запад, а до крајот треба да одигра уште еден натпревар, кој доколку го добие ќе избори промоција во Втора лига – Запад за следната сезона.

Остануваат уште два бараж натпревари. Првиот се игра во среда меѓу Фортуна и Беса, а вториот е закажан за сабота (12. јуни) меѓу Беса и Воска. И овие два натпревари, како и денешниот ќе бидат одиграни на Градскиот стадион во Гостивар со почеток од 17:00 часот.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!