ФОТО: Детонит Плачковица не признава фаворити, Тетекс, Воска Спорт и Караорман се „распукаа“

Позитивните резултати на Детонит Плачковица продолжуваат, откако на преполниот Градски стадион во Радовиш одигра 1:1 против Вардар, во меч каде радовишани одиграа перфектно дерби против најтрофејниот македонски фудбалски клуб.

Вардар прв го отвори резултатот пред финишот на првиот дел, откако Доне Ристовски покажа на белата точка, а Дарко Мицевски успешно реализираше за 0:1 на полувреме.

Во вториот дел радовишани тргнаа со голем притисок кон голот на Вардар, а тоа резултатираше со погодок на Зоран Андонов во 67. минута, погодок кој предизвика ерупција на трибините во Радовиш за голема радост на домашната публика.

До крајот на мечот и двете екипи имаа по неколку атрактивни шанси за погодок, но сепак мрежите мируваа, па Вардар мораше да се задоволи само со бод.

Пелистер го преживеа Чегране и со минимални 0:1 го совлада Арсими. Стрелец на единствениот погодок вреден цел „плен“ за битолчани беше Сашо Дуков, а беше постигнат во 62. минута од мечот.
Охрид и Кожуф го поделија „пленот“, откако на „Билјанини Извори“ мрежите мируваа и на двете страни (0:0). Второлигашот од Гевгелија денес го впиша својот прв бод на своето конто. Без голови заврши и средбата помеѓу Локомотива Пехчево и Слога од Виница (0:0).
Борец влезе во длабока резултатска криза, откако денес среде Велес беше „потопен“ од Тетекс со високи 2:4.
„Штофарите“ го забележаа првиот сезонски триумф и со тоа ги впишаа првите бодови на своето конто. Резултатот го отвори Иван Пашариковски во 15. минута од натпреварот, а веќе во 29. минута Борец преку Стефан Кузевски израмни на 1:1. Гостите од Тетово пред крајот на првиот дел преку Флорент Османи го вратија водство (1:2).
Во вториот дел неизвесноста траеше до 81. минута, кога Никола Сарески погоди за 1:3, а пак во 90. минута Фисник Салиу стрелаше за 1:4 и со тоа трите бодови веќе беа сосема сигурно обезбедни. Четири минути подоцна, Милан Чичевски погоди и го ублажи резултатот на конечните 2:4.
Караорман денес го зашиша првиот триумф во новата сезона како второлигаш, откако на домашен терен со убедливи 3:1 триумфираа над струмичка Беласица. Стружани брзо го отворија резултатот и имаа предноста од 2:0 на полувреме, откако Сашо Шопоски во 8. минута погоди за 1:0, а пак Давид Јошески десет минути подоцна ја дуплираше предноста.
Во вториот дел Беласица преку Александар Милушев намали на 2:1 и се врати во трка барем за бод, но сепак во 89. минута Никола Секулоски го реши победникот, откако погоди за конечни 3:1.
Каменица Саса денес доживеа вистиски „потоп“, откако на домашен терен беше убедливо надиграна и поразена од Воска Спорт со високи 0:4. Само единаесет минути беа потребани за Бехар Фета да биде двоен стрелец и со тоа резултатот да биде 0:2 веќе во 11. минута од натпреварот.
Пред крајот на првиот дел Ален Јашароски во 43. минута стрелаше за 0:3. По паузата од 15 минута, продолжи голеадата, откако Енсар Љума ја стресе мрежата за конечните 0:4.
Беса и Гостивар одиграа 1:1 во меч каде двата погодоци паднаа на стартот од натпреварот. Гостите уште во 7. минута дојдоа до водство со голот на Емран Рамадани постигнат во 7. минута, но радоста траеше само четири минути, кога Артан Велиу постигна гол за конечни 1:1.
- Цела табела од Втора лига:
