Фортуна и Беса Влазрими со високи победи, Петровец до нови три бода

Денес беше комплетирано 4. коло од Третата македонска фудбалска лига – Север.
Фортуна на домашен терен покажа моќ и забележа убедлива победа од 6:2 над екипата на Илинден. Двоен стрелец за домашниот тим беше Јасир Мемедовски, а пак по еден гол постигнаа Ветон Мемеди, Шефкет Јашари, Бујамин Етеми и Јакуп Маслани. За гостинскиот тим погодија Влатко Петровски и Дамјан Божиновски.
Раштак на домашен терен беше поразен со 1:2 од екипата на Маџари Солидарност. Домашниот тим прв стигна до водство со голот на Николче Стојановски во 23. минута од мечот, но Маџари преку Андреј Рајатоски брзо израмни на 1:1. Во вториот дел трите бодови ги обезбеди Игор Пандовски кој стрелаше за конечни 1:2.
Студена Вода на домашен терен загуби од екипата на Башкими со високи 1:3. За домашниот тим единствен стрелец беше Ненад Петровски, а пак за гостите погодија Амар Имери, Ергин Шерифи и Куштрим Даути.
Петровец забележа минимален триумф на домашен терен (1:0) против екипата на Башкими Љуботен. Халил Калач со гол во 79. минута ги обезбеди трите бодови за екипата на Петровец.
Беса Влазрими со убедливи 5:0 го декласираше Волково кој немаше сили да го запре налетот на домашниот тим. Амир Бајрами, Егзон Османи, Харун Касуми, Арбурим Ајдини и Ќендрим Елези беа стрелци за домашниот тим во убедливата победа.
ССК Нова и Риниа го поделија „пленот“ откако на теренот во Драчево ремизираа играјќи 2:2. За домашниот тим стрелци беа Горјан Ангеловски и Никола Димовски, а пак за гостите погодија Абдулфета Исмаили и Исен Илмази кој погоди во 92. минута за конечни 2:2.
Вчера, БВК Коњаре на домашен терен со убедливи 4:0 го декласираше составот на Еуромилк ГЛ, извештајот можете да го прочитате ОВДЕ. Денес, со 1:2 Кадино беше поразен на домашен терен од Аеродром, извештајот од овој меч можете да го прочитате ОВДЕ.