ФудбалФудбал - Прва женска лига

Фариас: Фудбал играм од мали нозе, знам некои работи за историјата на Македонија, возбудена сум што ќе играм за Љуботен!

Женскиот фудбалски клуб Љуботен е најактивен на трансфер пазарот. Клубот од Тетово ја донесе првата Бразилка во Македонија, Ана Беатриз Тарантино позната и како Роналдиња, а деновите беше официјализиран и трансферот на втората Бразилка, Таила Фариас.

Спортска Мрежа направи интервју со бразилската интернационалка Таила Фариас кое што е нејзино прво интервју во Македонија која вели дека фудбал игра од мали нозе, како и дека е многу возбудена што ќе игра за Љуботен и што ќе биде во Македонија.

„Фудбал играм од мали нозе, моето семејство се занимава со фудбал долги години. Тие секогаш ми даваа можност да изберам, но играњето фудбал секогаш беше во моите соништа. Мојот прв клуб во кариерата беше Васко да Гама. За трансферот во Љуботен, од раководството на клубот ја погледнале мојата страница на фејсбук и видеа како играм фудбал, и потоа почнавме преговори и се договоривме“, вели Фариас и додава:

„За женскиот фудбал во Македонија не знам многу работи. Знам неколку работи за Наташа Андонова, како и за Ема која игра во ЖФК Љуботен, ги знам само од инстаграм. Не знаев дека со Роналдиња сме првите бразилки што ќе играме во Македонија, но јас сум многу среќна што клубот ни ја нуди оваа можност.“

Фариас вели дека одвај чека да започне со тренинг и натпреварите во Македонија, како и дека има познавање за некои работи за историјата на Македонија.

„За мене е предизвик што ќе играм во друга држава, различен јазик, време, но тоа ме прави толку многу возбудена што одвај чекам да започнам со тренинг и натпревари во Македонија. Моите очекувања во новиот клуб се само напорна работа и фокус за да ја постигнеме нашата цел“, ни изјави младата Бразилка.

„Знам некои работи за историјата на Македонија. Сите велат дека храната е многу вкусна, но и дека е студено во зима. Возбудена сум што дознав толку многу работи за државата и клубот во кои ќе играм“, заврши Фариас.

Покрај двата бразилски трансфери, Љуботен на голманската позиција донесе репрезентативно засилување, станува збор за Магдалена Лекоска, а исто така, клубот од Тетово ја врати Сања Митреска – Сани од АС Јунајтед од Струга.

Првата амбиција е опстанок во Првата лига, бидејќи ова сезона само првиот осум имаат сигурен опстанок, додека сите останати ќе испаднат и ќе се натпреваруваат во Втората женска фудбалска лига која ќе биде формирана за следната сезона. Во интервју за Спортска Мрежа, потпретседателот на клубот Драгољуб Јовановски вели дека покрај опстанокот тие ќе атакуваат и на куп-титулата, додека за следната сезона ќе прават атак на шампионската титула. 

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!