Еурофарм Пелистер ја совлада Металопластика и со победа ја отвори СЕХА лигата

Екипата на Еурофарм Пелистер со победа ја започна новата сезона од СЕХА регионалното натпреварување, откако во „Боро Чурлевски“ со 30:26 битолчани славеа над Металопластика.
Домаќините одиграа лошо прво полувреме и одлично второ полувреме. Натпреварот започна со грешки и кај двете екипи, а гостите од Србија го имаа расположениот Бомаштер кој на стартот одбрани два зицери, но сепак тоа не го искорсти Металопластика, па резултатот во првите 10 минути беше 5:5. Во продолжение од натпреварот се играше гол за гол и предноста се менуваше и кај двете страни. До 20. минута битолчани имаа предност од два гола при 11:9, но во последните минути од првиот дел истата беше стопена со што на полувреме гостите имаа два гола предност, односно 12:14.

Во вториот дел од натпреварот Еурофарм Пелистер играше многу подобро. За четири минути игра израмни на 17:17, а потоа се играше гол за гол. Во 49. минута домаќините имаа најголема предност од плус 3. Во последните десет минути гостите потфрлија, а тоа го искористи Еурофарм Пелистер за да ја одржува предноста и во 59. минута да зголеми на плус 4 за конечни 30:26.
Најдобар кај Пелистер беше Периќ со осум гола, додека Мандалиниќ постигна шест, додека кај Металопластика најдобар беше Бабиќ со седум, а по четири постигнаа Иваниќ, Тодоровиќ и Брајовиќ.

Еурофарм Пелистер со победа ја затвара 2020 година, бидејќи за нив ова беше последен натпревар, затоа што следува пауза повеќе од еден месец, а новите ракометни возбудувања за битолчани ќе започнат кон почетокот на февруари.