Есенскиот шампион Воска од Охрид го задржува „костурот“ и донесува екстра квалитетни засилувања, клубот има поголеми амбиции од Втора лига!

Есенскиот шампион Воска Спорт од Охрид одигра фантастична есенска полусезона во Третата лига – Југозапад. Охриѓани се единствените непоразени во ТМФЛ – Југозапад, а во пролетниот дел од сезоната голема борба ќе водат со конкурентот Караорман од Струга, за првото место и промоцијата во Втората лига – Запад.
Спортска Мрежа разговараше со раководството на клубот, за постигнатите резултати од есенската полусезона, за пролетните предизвици, како и за „костурот“ на екипата и засилувањата.
„Ништо не е случајност. Господинот Нефи Усеини, којшто е претседател на клубот, реши да вложува во спортот, конкретно во населбата Воска. Негова најголема желба е младите од Воска да спортуваат и да се занимаваат со спорт. Благодарение на долгогодишното искуството на спортскиот директор Гони Мерко, кој успеа да го ангажира младиот и амбициозниот тренер Митко Стојаноски- Лама, и многу млади играчи кои потекнуваат од самата школа на Гони Мерко и со неколку други мал број на искусни играчи. Тоа беше клучно за досегашните успеси на екипата. Секако дека тие две ремија можат да се претворат во победа во пролетниот дел. Се разбира дека „костурот“ ќе остане истиот.“
Веќе се договорени три засилувања кои ќе ја засилат Воска за пролетната полусезона, а во следните денови ќе бидат промовирани и нови засилувања.
„Засилување ќе има скоро во секоја позиција со поискусни играчи како што се Џавит Лимани од второлигашот Велешта, Меритон Мерко од СВ Ленсбург (Швајцарија), Христијан Јованоски од Евромилк од Скопје и други кои ќе бидат официјализирани следните денови.“
Од клубот велат дека успешните резултати се должат на квалитетната работа на тренинг и квалитетни играчи. Клубот има големи амбиции, па освен Втора лига, ќе атакува и кон елитата.
„Нашето најголемо „оружје“ за успех е квалитетната работа на тренинг, со квалитетни играчи, а сето ова како што и напоменавме е многу лесно остварливо кога имаш спонзор како господинот Нефи Усеини, којшто ги овозможува сите услови и успехот е загарантиран. Нашата цел не е само влез во Втората лига, амбициите се уште поголеми и тоа ќе оставаме времето да покаже.“
Воска на 20. јануари ќе означи старт на подготовките, веќе се договорени и пријателските натпревари.
„Подготовките ги започнуваме на 20. јануари, имаме закажани пријателски натпревари со екипите на прволигашот Пелистер, второлигашот Кораб, Скендербег (Албанија), Јагодина (Србија), Поградец, а планирани се уште неколку контролки за коишто противниците дополнително ќе ги договориме.“
Пролетната полусезона Воска ја отвара на домашен терен против екипата на Стрела Спорт.