Ериксен повторно на терен: Данецот му се врати на фудбалот по 173 дена

Фантастични вести од Данска – Кристијан Ериксен почна да тренира, вистина сепак под посебен режим, но со топка.
Данските медиуми пренесуваат дека искусниот играч за врска се вратил на теренот во опремата на ОБ Оденсе, клубот во кој израсна и дека денеска работел одвоено од тимот.
„Среќни сме што Кристијан му се враќа на фудбалот на нашите терени. Цело време бевме во контакт откако тој го напушти клубот и среќни сме што му овозможивме да работи со нас“, изјави за „БТ“ спортскиот директор на Одензе, Михаел Хемингсен.
Така, 173 дена откако колабираше на натпреварот од ЕП против Финска, Ериксен го одработи првиот тренинг.
Сè уште е рано да се зборува дали ќе ја продолжи професионалната кариера, но нешто повеќе за тоа ќе се знае на средината или на крајот на јануари, кога треба да помине нови прегледи.
Во Италија не е дозволено да се игра фудбал со вграден дефибрилатор, па извесно е дека Ериксен повеќе нема да го носи дресот на Интер.
Затоа во последно време се шпекулира дека би можел да се пресели во Ајакс за кој настапуваше во периодот од 2010 до 2013 година.