ФудбалФудбал - ТРЕТА ЛИГА

Дојранско Езеро со луд-пресврт во Берово, Осогово сигурен, во Богданци паднаа ОСУМ погодоци

Карбинци и Брегалница Делчево го поделија „пленот“ откако одиграа 0:0, додека пак Вардарски и Овче Поле го поделија „пленот“ во меч со осум погодоци (4:4), во рамки на 7. коло од Третата македонска фудбалска лига – Исток.

По тренерската промена во Вардарски, третолигашот од Богданци одигра луд меч и откина два бода од ланскиот второлигаш. На полувреме гостите од Свети Николе имаа водство од 1:2, но во вториот дел се случи голеада која резултираше со поделба на бодовите.

Херој на мечот во Богданци беше Димитар Пеев кој во 93. минута ги расплака гостите од Свети Николе, откако постигна гол за конечни 4:4. Стрелци за домашниот тим покрај Пеев беа и Дејан Карапуцев, Кристијан Мингов и Ѓорѓе Радев. За гостинската екипа срелци беа Јорданчо Трендафилов, Горјан Андроников, Марио Панев и Николче Симонов.

Осогово стигна до ново славје, откако со 3:0 славеше над Рудар од Пробиштип. Со нови три бода Осогово продолжува да ита кон бараж за Втора лига. Резултатот го отвори капитенот Тоше Манов за 1:0 на полувреме, а во вториот дел Јован Дојчинов и Андреј Коцевски погодија за конечните 3:0.

Тиверија со 2:0 славеше над новајлијата Академија Чешиново-Облешево на домашен терен. Стрелци на погодоците за струмичани беа Мартин Ристовски и Васко Трајков, кои погодија во првиот дел од мечот.

Победа впиша висок пораз, откако на домашен терен загуби од Спартмани со 0:3. Драги Глигоров погоди во судиското надополнување за 0:1 на полувреме, а во вториот дел Мартин Шутевски и Мите Митров стрелаа за конечните 0:3.

Дојранско Езеро со луд-пресврт го тресна Малеш среде Берово за голем триумф. Домашниот тим на полувреме имаше водство од 2:0 со погодоците на Илија Шонтевски и Илија Бојчовски. Во вториот дел, гостите од Дојран тргнаа одлично, веќе во 48. минута преку Александар Ѓониќ намалија на 2:1, а со голот на Глигор Јанкулов во 61. минута израмнија на 2:2. Во 89. минута од натпреварот Никола Илиќ ја „замрзна“ домашната публика откако ја стресе противничката мрежа за комплетен пресврт и голема победа од 2:3.

  • ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ТРЕТА ЛИГА – ИСТОК:

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!