ФудбалФудбал - ПРВА ЛИГА

Директна дерби пресметка меѓу лидерот Шкупи и шампионот Шкендија, Ренова го чека Тиквеш

Денес се играат натпреварите од вонредното 17. коло од Првата фудбалска лига на Македонија.

Дербито на колото се игра на Чаир каде ќе се соочат двата најголеми конкуренти за титулата, моменталниот лидер на табелата Шкупи ќе биде домаќин на Шкендија. Двете екипи се најголеми фаворити за титулата, а Шкендија која тргна со лоши резултати во текот на сезоната се поправи и веќе прави сериозен притисок за врвот, па доколку денес целиот „пленот“ биде однесен во Тетово тогаш само пет бодови би била разликата меѓу двата ривали. Шкупи на последните пет натпревари има четири победи и еден пораз, додека пак Шкендија има реми и четири последователни победи. Првиот нивен меѓусебен дуел одигран во Тетово заврши без победник и без погодоци со поделба на бодовите.

Струга Трим Лум ќе има незгодно гостување на „жешкиот“ терен во Автокоманда против Скопје. Трите бодови очајно им се потребни на „пиратите“ со цел сигурен опстанок во фудбалската елита, но и секако зимата да ја поминат во средишниот односно безбедниот дел од табелата.

Во Битола ќе се одигра дербито од дното на табелата меѓу Пелистер и Борец, двете екипи една против друга ќе бркаат победа. Пелистер е единствениот прволигаш кој не запишал триумф во новата сезона. На последните пет натпревари и двете екипи имаат идентична форма – по едно реми и четири порази.

Македонија Ѓорче Петров на домашен терен ќе се соочи со Академија Пандев. „Лавовите“ со новиот тренер тргнаа одлично и забележаа три победи, а потоа следуваше пораз и реми во Велес, додека пак од друга страна „пандевци“ играат во одлична форма и имаат две ремија и три победи на последните пет средби. Домаќинот од Ѓорче ќе брка три бода со цел полесна пролет, додека пак гостите од Струмица токму во Ѓорче ќе го бранат второто место, а денешниот меч ќе биде тест за да се потврди нивната одлична форма.

Брегалница денес го игра последниот натпревар на домашен терен во есенската полусезона против бледиот Работнички. Штипските „сини“ ќе ја имаат фаворитската улога на себе за трите бодови, а доколку истата биде оправдана тогаш Брегалница би можела да остане осамена на четвртото место и да продолжи да прави притисок за местата во Европа. Од друга страна, Работнички е под силен притиок бидејќи игра во очајна форма. Запиша три последователни порази, па во претходното коло на домашен терен извлече само бод од тешкиот дуел со „гипсарите“, евентуален пораз во Штип за „романтичарите“ може да значи и преселба во бараж зоната и тешка борба за сигурен опстанок.

Во Тетово ќе се соочат екипите на Ренова и Тиквеш. Влатко Костов го прероди прволигашот од Кавадарци и го врати во трка за сигурен опстанок во елитата, а токму тренерот на кавадарчани најдобро ја познава Ренова, па тоа може да биде голема предност за Тиквеш. Ренова со неколку „киксови“ најпрво ја загуби битката за врвот, а потоа пополека ги загуби и битките за второто и третото место, па се спушти на четвртата позиција која ја дели со Брегалница. Евентуален нов „кикс“ на „гипсарите“ може да ги спушти и до шесттото место на табелата.

Сите натпревари ќе започнат во 13:00 часот.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!