Детонит со неколку квалитетни засилувања ќе води борба за Втора лига – Исток

Радовишкиот третолигаш Детонит се засили со неколку квалитетни играчи со кои во пролетната полусезона во Третата лига – Исток ќе води борба за влез во Втора лига – Исток.
Во Радовиш доаѓаат четири засилувања, Емил Рунчевски, Томи Станоевски, Дарко Јованов и Андреј Ивановски.
26-годишниот Рунчевски игра на стоперската позиција, во Детонит доаѓа од Овче Поле, а во својата кариера има настапувано за Кежовица, Каменица Саса, Баби и штипска Брегалница.
Младиот и искусен Станоевски доаѓа од директниот конкурент за влез во ВМФЛ – Исток, Брегалница од Делчево. 21-годишниот крилен напаѓач има настапува и за Малеш, Кит Го и Хоризонт Турново.
18-годишниот Јованов го засилува средниот ред на радовишани, тој е повратник во екипата, доаѓа од штипска Брегалница, а има настапувано и за Милано од Куманово.
Детонит ја засили и голманската позиција со 21-годишниот Ивановски кој доаѓа од второлигашот Осогово. Скопјанецот во својата кариера има настапувано и за ССК Нова, Скопје и Металург.
Радовишкиот третолигаш есенскиот дел од сезоната го заврши на второто место на табелата со 26 освоени бодови, два помалку од лидерот Брегалница Делчево, а во пролетната полусезона влегува како посериозен фаворит за влез во Втората лига – Исток.
Во своето седумгодишно постоење Детонит во сезона 2018-19 се натпреваруваше во Втората лига – Исток.