Детонит преку Лиманов го доби дербито во Берово, Хоризонт Турново го среди Спартмани со разиграниот Крстев Васил

Денес беше комплетирано 13. коло од Третата лига – Исток.
Раклиш 2:1 Тиверија
Колото беше отворено минатата сабота во Радовиш, каде домаќинот Раклиш со 2:1 беше подобар од Тиверија. Резултатот беше отворен рано, во 6. минута со гол на Фенов Антонио за водство на домаќинот од 1:0. Пред крајот на првиот дел Митев Бојан постигна гол за 2:0 на полувреме. Во вториот дел Тиверија се обидуваше брзо да се врати во игра и да фати приклучок бодови. Коцевски Александар во 71. минута ги постави конечните 2:1.
Брегалница Делчево 5:1 Василево
Лидерот Брегалница Делчево сосема очекувано дојде до убедлив триумф над „фенерџијата“ Василево со високи 5:1. Илиев Александар со два погодоци во 20. и 25. минута донесе водство од 2:0 за домашната екипа. Во вториот дел Брегалница стартуваше одлично и во 56. минута со гол на Ѓеоргиев Филип зголеми на 3:0. Нововлезениот Марковски Никола во 65. минута погоди за 4:0. Гостите од Василево во 76. минута намалија на 4:1 со гол на Ѓоргиев Наце. Во самиот финиш од натпреварот судијата Костовски покажа на белата точка за домашната екипа, а одговорноста ја презеде Марковски Никола кој успешно реализираше за конечни 5:1.
Малеш 1:2 Детонит
Дербито на колото во Третата лига – Исток се одигра во Берово, каде Малеш загуби со 1:2 од Детонит. Двете екипи се претенденти за првото место, но повеќе среќа имаше гостинот од Радовиш кој дома си оди со три бодови и продолжува да го напаѓа првото место. Беровчани стигнаа први до водство со гол на Коколански Кирил во 19. минута. Радовишани брзо се вратија во игра со погодок на Спасов во 31. минута за 1:1 на полувреме. Во вториот дел Детониот го сврте резултатот и дојде до водство со гол на Лиманов Ѓокшен вреден три бодови, бидејќи до крајот на натпреварот мрежите мируваа.
Чешиново 2:1 Работник Џумајлија
Чешиново на домашен терен беше подобар противник од Работник Џумајлија со 2:1. Во израмнет и неизвесен натпревар, домашната екипа прва стигна во водство во 55. минута со гол на Георгиевски Перо. Гостите од Лозово брзо израмнија со гол на Јовановски Владо. Чешиново направи голем притисок кон гостинската екипа за втор гол и во 80. минута Давитковски Бобан ја стресе мрежата на противникот за конечни 2:1.
>> ЦЕЛАТА ТАБЕЛА ОД ТРЕТАТА ЛИГА – ИСТОК ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА ОВДЕ <<
Карбинци 0:3 Овче Поле
Екипата на Карбинци немаше сили за изненадување против фаворитот Овче Поле, кој со 0:3 беше далеку подобар противник. Играч на натпреварот беше Нацев Дарко кој со три гола го потопи Карбинци. Првиот гол падна во 30. минута, додека вториот беше постигнат осум минути подоцна. Конелните 0:3 беа поставени во 74. минута.
Спартмани 0:8 Хоризонт Турново
Хоризонт Турново во декласираше Спартмани со високи 0:8 во Градско Балдовци. Турновци уште во 8. минута го отворија резултатот со гол на Петров Дарко. Веќе во 11. минута Блажевски Наум зголеми на 0:2. Во 29. минута Крстев Васил погоди за 0:3 на полувреме. Во вториот дел Глигоров Драги ја стресе мрежата на домашната екипа за високи 0:4, а седум минути подоцна Јанков Стојан зголеми на 0:5. До крајот на натпреварот Крстев Васил ја наполни мрежата на Спартмани со три гола. Во 63. минута младиот Крстев погоди за 0:6, во 70. за 0:7, а во 82. инута ги постави конечните 0:8.
Битката за прво место ја продолжуваат четири екипи. Малеш после денешниот пораз ги загуби шансите за прво место, па борбата за Втора лига – Исток ќе ја водат Брегалница Делчево, Детонит, Овче Поле и Хоризонт Турново.