Дерби за Европа во Тетово, на Чаир ќе се слави шампионска титула

Најавата на 29. коло од Првата фудбалска лига ја овозможи Revolution Development
Почнува борбата за излез во Европа. Три екипи, а само две места кои водат во фудбалска Европа. Академија Пандев вчера обезбеди три бодови против Брегалница и се зацврсти на второто место на табелата, а пак денес ќе гледаме директна дерби пресметка за Европа меѓу Шкендија и Македонија Ѓорче Петров.
Тетовци и „лавовите“ со по 53 бодови ја делат третата позиција на табелата, зад Академија Пандев која е втора со 58 бодови. Шкендија влегува одморена во важниот меч против Македонија ЃП која пак имаше обврски во полуфиналето од Купот каде преку Струга обезбеди финале против Силекс.
Во двете меѓусебни пресметки Шкендија триумфираше над Македонија ЃП, во првиот нивен „судир“ Шкендија беше убедлива со 4:0, а пак во Ѓорче резултатот беше 1:2 во полза на гостите од Тетово. Според распоредот Академија Пандев, Македонија ЃП и Шкендија играат меѓусебе, а ќе се соочат и со новиот шампион Шкупи кои на овие натпревари ќе влезе растерет и без резултатско значење бидејќи Гоце Седлоски ја обезбеди шампионската титула на пет кола пред крајот на сезоната.
На пет кола пред крајот од сезоната во домашниот шампионат, екипата на Шкупи е нов шампион во Првата македонска фудбалска лига. Денес на Чаир на мечот против Ренова ќе се прослави долго очекуваната титула.
Гоце Седлоски кој го превзема тимот пред стартот на сезоната направи тим кои конечно вроди со плод и обезбеди шампионска титула. Шкупи игра фантастична сезона со 68 бодови е на врвот од табелата далеку пред конкурентите, а има и најефикасен напад (59 постигнати погодоци), но и најдобра одбрана (16 постигнати погодоци). Покрај шампионската титула која е прва под името Шкупи, или вкупно четврта во историјата со оние титули на Слога Југомагнат, екипата од Чаир ќе игра и во квалификациите за Лигата на шампионите.
Според формата Ренова ќе има многу тешко гостување на „Чаир“ и многу извесно е дека трите бодови би останале дома. Навивачите веќе на големо се подготвуваат за прославување на шампионската титула, па тоа ќе биде вистински пекол за момците на Ќатип Османи. „Гипсарите“ се во голема резултатска криза на последните пет натпревари имаа еден триумф (против Работички на 19 март), две ремија и два порази.
Дерби ќе се одигра и во Кавадарци меѓу Тиквеш и Борец. Двете екипи во претходното забележаа победи. Тиквеш триумфираше во Автокоманда против Скопје (1:2) и доколку денес наниже втора последователна победа тогаш ќе се доближи до местата кои гарантираат сигурен опстанок. Од друга страна, Борец во претходното коло приреди изненадување против Струга совладувајќи ја со 2:0 на домашен терен и денес силно мотивиран ќе се обиде да приреди ново чудо во Кавадарци и со тоа да се доближи до Тиквеш на 6 бодови и да се надева на евентуален бараж за опстанок на четири кола до крајот.
Revolution Development е софтверска компанија посветена на развој на врвни решенија за бизниси
Струга нема право на грешка во дуелот покрај езерото со битолски Пелистер кој е нов второлигаш. Стружани во минатото коло претрпеа пораз од Борец (2:0) и со тоа ги закомплицираа работите за сигурен опстанок на пет кола до крајот (вклучително и денешното коло). Мечот за Пелистер нема резултатско значење бидејќи битолчани од следната сезона ќе се натпреваруваат во второлигашкото друштво, па така денес Пелистер растерен ќе се обиде да забележи втора сезонска радост.
Вчера, Академија Пандев со 2:1 ја доби Брегалница, а пак Работнички дома загуби од Скопје со минимални 0:1.