ФудбалФудбал - ТРЕТА ЛИГА

Дерби пресметка меѓу Ново Црнилиште и Локомотива, пеколно дерби и меѓу Превалец и Братство 07

Во недела се игра 22. коло од Третата лига – Југ кое ќе биде највозбудливо како никогаш до сега. Битката за првото место никогаш не била повозбудлива како што ќе биде во недела.

Ново Црнилиште – Локомотива Градско

Дерби пресметка меѓу двата конкуренти за влез во Втората лига – Исток, Ново Црнилиште на домашен терен го чека лидерот Локомотива од Градско. Можеби најважниот натпревар и за двете екипи во битката за промоција во второлигашкото друштво. Ново Црнилиште со 43 бодови е на второто место на табелата и има четири бодови негатива во однос на лидерот од Градско. Домаќинот ќе биде во поповолна ситуација бидејќи игра на домашен терен, додека залетаната Локомотива ќе се обиде да го помине и Црнилиште и да ги собере трите бодови, со што ќе биде на чекор од Втора лига – Исток. Изразит фавотит ќе нема и со сигурност ќе гледаме неизвесен натпревар во борбата за трите бодови.

Превалец – Братство 07

Уште едно пеколно дерби ќе биде одиграно меѓу екипите на Превалец и Братство 07. Гостинот игра фантастична сезона и се наоѓа на третото место со негатива од 7 бодови во однос на лидерот од Градско, па победата ќе биде императив за Братство 07 кој силно атакува за првото место. И на овој натпревар изразит фаворит ќе нема, но Превалец ќе се обиде да го искористи домашниот терен за да стигне до 12-ти сезонски триумф.

>> ЦЕЛАТА ТАБЕЛА ОД ТРЕТАТА ЛИГА – ЈУГ ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА ОВДЕ <<

Напредок Крушеани – Вардар Неготино

На Могила ќе се одигра дерби меѓу Напредок од Крушеани и Вардар Неготино. Гостинот од Неготино е со поголеми шанси за прво место и промоција во Втората лига – Исток. Но, го чекаат тешки предизвици до крајот од сезоната. Веќе таков предизвик ќе има во недела во дербито против Напредок. Домаќинот ги загуби шансите за првото место, па за Втора лига ќе причека барем до следната сезона, но во секој случај ќе гледаме големо и неизвесно дерби по трите бодови.

Питу Гули – Марена

Екипата на Питу Гули на домашен терен во Крушево ќе ги одмери силите со Марена. Домаќинот ќе биде под сериозен предизвик за победа со цел да одлепи од опасната зона, бидејќи Младост од Удово и Големо Коњари притискаат во борбата за опстанок. Марена е на средината од табелата и се освен пораз за нив ќе биде позитивен резултат од „незгодното“ гостување во Крушево.

Младост Удово – Обршани

На теренот во Удово ќе се соочат Младост и Обршани. Домашната екипа е под силен притисок за победа и три бодови со цел да излезе од опасната зона. Доколку сака да го задржи третолигашот статус ќе мора уште во недела да ги задржи и трите бодови дома против Обршани, кој во Удово според формата ќе допатува како фаворит.

>> НОВА КОЛЕКЦИЈА НА МАШКА ОБЛЕКА ВО БУТИК „ДИАМОНД“ СТРУМИЦА ТЦ „ГЛОБАЛ“ <<

Дојранско Езеро – Големо Коњари

Во Дојран силите ќе ги одмерат Дојранско Езеро и Големо Коњари. Домаќинот е со голем квалитет и игра одлично, па на домашен терен сигурно ќе важи за голем фаворит, додека гостинот кој е само еден бод над опасната зона ќе се обиде да направи изненадување и дома да се врати со трите бодови, бидејќи притисокот за опстанок е голем.

Динамо – Младост 1930

Динамо на домашен терен ќе го пречека Младост 1930. Домаќинот е со три бодови над опасната зона, додека гостинот од Кривогаштани со два бодови, па борбата за трите бодови ќе биде голема и токму тоа го прави натпреварот да биде дерби од дното во борбата за сигурен опстанок.

Сите натпревари ќе започнат во 14:00 часот, освен натпреварот меѓу Динамо и Младост 1930 кој ќе започне еден час подоцна.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!