ФудбалФудбал - ТРЕТА ЛИГА

Дерби покрај езерото – непоразениот Караорман против Македонија Враништа, Сатеска домаќин на Влазними

Викендот се игра 12. коло од Третата фудбалска лига – Југозапад. Колото ќе биде отворено со два натпревари в сабота, а ќе биде комплетирано в недела.

Големото дерби покрај езерото меѓу непоразениот лидер Караорман и амбициозната Македонија од Враништа се игра в сабота. Дерби за три бодови и за влез во Втората фудбалска лига. Фаворитската улога ќе биде на страната на Караорман кој е во подобра форма, а потврда за тоа е што се уште нема пораз, а од друга страна игра и на домашен терен и пред својата верна публика. И двете екипи имаат респект една кон друга, и очекуваат позитивни резултати.

Ниту дождот не е пречка за големиот број на присутни навивачите во Враништа

Фудбалерот на Македонија Враништа, Методија Милески за Спортска Мрежа:

„Караорман е добра организирана екипа пред сè, што кажува и самиот факт дека сè уште не е поразена, но ние ќе си ја играме нашата игра борбено и до самиот крај и се надевам дека пак ќе ја израдуваме публиката и ќе се вратиме со позитивен резултат од таму.“

Капитенот на Караорман, Ивица Ќелешоски за Спортска Мрежа:

„Кон Македонија од Враништа покажуваме голем респект. Таа е екипа која има одлични индивидуалци, но и нивните досегашни резултати го отсликуваат нивниот успех, сепак ние се надеваме и ќе се вложиме неизмерно кон победа за да ја продолжиме низата победи која ќе нè задржи на врвот на табелата.“

Покрај дербито во Струга, в сабота се игра и дуелот меѓу Новаци и Преспа. На стартот од сезоната Новаци влезе со цел за конечно враќање во Втората фудбалска лига, но се чини дека ќе треба да почекаат уште една сезона за да се случи тоа, бидејќи има сериозна негатива од 10 бодови во однос на лидерот Караорман, па сега целта би била што е можно подобар пласман на табелата. Од друга страна, Преспа стартуваше доста хаотично, но пополека влезе во ритам и забележа четири победи кои го искачија клубот од Ресен до седмото место на табелата. Дуел меѓу петтопласираниот и седмопласираниот на табелата, а бодовната разлика меѓу нив е само четири бодови. Можеби благ фаворит на натпреварот ќе биде Новаци кој игра дома пред своја публика.

Останатите натпревари ќе се одиграа во недела со што ќе се комплетира 12. коло од Третата лига – Југозапад, а во оваа коло екипата на Октиси е слободна.

Стрела Спорт на домашниот терен во Могила ќе бара конечен излез од резултатската криза против Демир Хисар. Домашните немаат резултати со кои би се пофалиле, бидејќи на десет натпревари само еднаш се радуваа, два пати ремизираа и дури седум пати беа поразени, додека пак Демир Хисар е нешто подобар – има два сезонски триумфа, четири ремија и пет порази. Очекувањата се дека во Могила ќе има неизвесен натпревар за трите бодови кои се императив и за двете екипи.

Сатеска после поразот во дербито во Враништа од Македонија веќе в недела ќе има можност за враќање на победничките патеки против Влазними. Екипата од Волино сезонава отвори доста одлично и бележи одлични резултати, а поразот во Враништа ја спушти до четвртото место на табелата. Од друга страна Влазними е на пола од Сатеска на резултатски план, па фаворитската улога на овој натпревар би била кај Сатеска, која доколку дојде до цел „плен“ ќе продолжи да го напаѓа врвот од табелата.

Лирија на домашен терен ќе има многу тежок испит против Црно Буки кој во Грнчари доаѓа со единствена цел – три бодови со цел да може да го следи чекорот на непоразениот Караорман, во спротивно шансите за враќање на врвот ќе се закомплицираат.

„Фенерџијата“ Победа во Ивањевци ќе биде домаќин на Кравари. Победа во новата сезона бележи лоши резултати, на десет натпревари само еднаш забележа триумф, а дури девет пати беше поразена, па в недела се освен пораз за нив би бил позитивен исход од дуелот со Кравари.

Сите натпревари ќе започнат во 13:00 часот.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!