ФудбалФудбал - ВТОРА ЛИГА

Дерби од дното меѓу Детонит и Локомотива, во Пехчево дуел меѓу Кит Го и Слога

В сабота на програмата е 7. коло од Втората македонска фудбалска лига – Исток. Дерби од дното со цел фаќање на приклучок за опстанок ќе биде одигран меѓу Детонит и Локомотива на Градскиот стадион во Радовиш. Битката за трите бодови е многу важна и за двете екипи. По шест одиграни натпревари Локомотива и Детонит ја делат осмата позиција на табелата со 4 бодови, а евентуален триумф ќе значи можност за излез од опасната зона и прогрес кон средишниот дел, а со тоа и фаќање на приклучок за сигурен опстанок.

Победа на домашен терен ќе биде апсолутен фаворит против последнопласираниот Братство од Житоше. Двете екипи кои имаат различна цел сезонава, посакуваат „цел плен“. Прилепчани сезонава ја започнаа со цел конечно враќање во елитата, додека пак од друга страна Братство е закован на дното од табелата со само еден освоен бод, па се освен пораз на „Гоце Делчев“ в Прилеп ќе биде позитивен исход за екипата од Житоше.

Беласица на домашен терен ќе брка победа против Осогово со цел да излезе од резултатска криза. Струмичани на последните два натпревари имаат пораз од директниот конкурент за врвот Саса, додека пак во Виница одигра реми против Слога која исто така цели кон врвот. Триумфот за ланскиот струмички прволигаш е од големо значење со цел да остане во чекор со непоразениот лидер од Македонска Каменица.

Во Пехчево силите ќе ги одмерат Кит Го и Слога од Виница. Екипата на Кит Го која во претходното коло загуби од Саса со сигурни 2:0 на гостински терен, в сабота на домашен терен ќе се обиде да се врати на победите, а со тоа и да направи исчекор кон повисок пласман на табелата. Од друга страна, Слога која тргна одлично во новата сезона на последните два натпревари не знае за триумф, откако во Радовиш неочекувано загуби од Детонит со 2:1, а во претходното коло ремизираше со Беласица играјќи 1:1. Евентуална победа за второлигашот од Виница ќе значи и можност за враќање на врвот на табелата, во зависност како би одиграле Саса и Победа.

Непоразениот лидер Саса в сабота ќе биде исправен пред сериозен испит на Градскиот стадион во Гевгелија каде ќе ги одмери силите против Кожуф. Саса по шест одиграни натпревари не знае за пораз и одлично чекори кон зацртаната цел – пласман во фудбалската елита на Македонија. Од друга страна Кожуф ќе биде пред предизвик за трет сезонски трумф, откако во минатото коло славеше над Братство на гостински терен со минимални 0:1 и ја прекина резултатската криза.

Сите натпревари ќе започнат во 14:00 часот, а делегираните судии за сите натпревари можете да ги погледнете овде.

ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ВТОРА ЛИГА – ИСТОК:

Standings provided by SofaScore LiveScore

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!