Дерби на колото меѓу Овче Поле и Брегалница Делчево, Детонит домаќин на Карбинци

Утре се играат натпреварите од 14. коло од Третата лига – Исток. Дербито на колото се игра во Свети Николе.
Овче Поле – Брегалница Делчево
Дербито на колото ќе биде одиграно на Градскиот стадион во Свети Николе. Домаќинот Овче Поле во директен дуел со лидерот Брегалница Делчево. Два конкуренти за промоција во Втората лига – Исток. Домашната екипа ќе се обиде да го искористи домашниот терен и да го запре лидерот, а со тоа да продолжи да го напаѓа првото место. Овче Поле во зимскиот преоден рок донесе квалитетни засилувања кои се покажаа дека успешни во пролетни натпревари. Гостинот од Делчево доаѓа под притисок за победа и три бодови, со цел да го зачува лидерското место, бидејќи Детонит „диши во врат“, но и како фаворит на Градскиот стадион во Радовиш го чека Карбинци, па со „кикс“ на Брегалница, а победа на Детонит, тогаш во Третата лига – Исток на врвот ќе застанат радовишани. Сепак, не очекува еден неизвесен и израмнет дуел по трите бодови.
Детонит – Карбинци
Детонит на Градскиот стадион во Радовиш ќе ја пречека екипата на Карбинци, во натпревар каде радовишани ќе бидат големи фаворит за 11-та сезонска победа. Квалитетот кај домашната екипа е огромен, формата и домашниот терен се дополнителен мотив за атак по трите бодови, но исто така, голем мотив за победа Детонит има бидејќи ќе чека „кикс“ на Брегалница во Свети Николе, па на тој начин ќе го превземе првото место уште утре. Но, доколку тоа не се случи, па Брегалница дома си замине со трите бодови, тогаш директна пресметка за прво место ќе гледаме веќе следното коло кога ќе се соочат Брегалница и Детонит во Делчево. Карбинци покажа дека може да парира на фаворитите, па сигурно дека во Радовиш нема да истрча со бело знаменце и ќе се обиде да го запре Детонит кој силно атакува за враќање во Втората лига – Исток.
Хоризонт Турново – Малеш
На „Кукуш“ екипата на Хоризонт Турново ќе го пречека беровски Малеш. Домашната екипа игра одлично, шансите за прво место, а со тоа и враќање во второлигашкото друштво се реални, а после убедливата победа во Градско Балдовци од 0:8 над Спартмани, Турновци ќе истрчат максимално мотивирани по нова победа. Беровчани мораат да го заборават тешкиот пораз на домашен терен од Детотнит од минатото коло, шансите за прво место се загуби, бодовната разлика до првото место е 12, па Малеш ќе мора до крај на сезоната да одигра за што подобар пласман на табелата. Гостувањето во Турново ќе биде уште сериозен тест за екипата на Малеш, која ќе треба дома да се врати со трите бодови и да ги израдува своите фанови.
Тиверија – Спартмани
Тиверија на домашен терен ја чека екипата на Спартмани. Домашната екипа ќе важи за фаворит за петта сезонска радост. Гостинот од Градско Балдовци игра катастрофална пролет, а големиот пораз од 0:8 од Турново е уште една потврда дека Спартмани нема сили да се издигне и да ја врати формата од есенската полусезона.
Работник Џумајлија – Раклиш
Во Лозово ќе се судрат Работник Џумајлија и Раклиш во дерби од дното на табелата. Екипата на Работник ќе има тежок натпревар и ќе мора да изнајде начин како да се совлада гостинот од Радовиш, со цел да остане со сериозни шанси за опстанок. Раклиш со победата над Тиверија во Радовиш се одлепи од опасната зона, па мотивот кај нив за трите бодови ќе биде голем, бидејќи ќе имаат можност за прогрес на табелата од две места и да фатат приклучок за средишниот дел од табелата.
Василево – Чешиново
„Фенерџијата“ Василево на домашен терен ја чека екипата на Чешиново. Шансите за излез од опасната зона и опстанок во Третата лига – Исток за Василево се минимални, но и шансите за победа над Чешиново на утрешниот натпревар исто така се минимални. Гостинската екипа игра солидна сезона, па формата го фаворизира Чешиново да биде фаворит на утрешното гостување.
Сите натпревари ќе стартуваат во 15:00 часот.