Дерби меѓу Осогово и Кит Го, дуел меѓу Победа и Слога, Тиквеш гостува кај Росоман

Во сабота ќе биде одиграно 22. коло од Втората лига – Исток.
Победа – Слога
Прилепска Победа на домашен терен ќе игра многу важен натпревар против Слога од Виница. Домашната екипа со 16 бодови е на осмото место на табелата, па со победа ќе се доближи на три бодови до седмото место, па и шансите за сигурен опстанок ќе бидат големи. Двете екипи има идентична форма на последните пет натпревари, по три порази и две ремија. Излез од резултатската криза ќе бараат и Победа и Слога.
Плачковица – Брегалница
Радовишката гордост Плачковица на домашен терен ќе има многу тежок натпревар против непоразениот лидер Брегалница. На шест кола до крајот радовишани имаат тешка задача да обезбедат опстанок, додека Брегалница која во Радовиш ќе пристигне како голем фаворит, со нов триумф ќе биде на чекор од Првата лига.
Росоман – Тиквеш
„Фенерџијата“ Росоман на домашен терен ќе го пречека Тиквеш. Гостинот од Кавадарци ќе допатува како голем фаворит за 15-ти сезонски триумф и пополека ќе се спрема за баражот за влез во ПМФЛ, додека Росоман може да ги спакува куферите и да се врати во Трета лига – Југ.
>> ЦЕЛАТА ТАБЕЛА ОД ВТОРАТА ЛИГА – ИСТОК ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА ОВДЕ <<
Осогово – Кит Го
На Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани ќе се одигра дерби меѓу Осогово и Кит Го. Мотивот за победа кај домашната екипа е голем после триумфот над Кожуф среде Гевгелија. Гостинот од Пехчево е во одлична форма и на последните пет натпревари има четири победи и само едно реми, па со сигурност ќе има неизвесност по трите бодови.
Кожуф – Каменица Саса
Екипата на Кожуф после поразот на домашен терен од Осогово ќе има можност за поправен против Каменица Саса. Гостинот важи за „незгоден“ противник, па се освен пораз за Саса ќе биде позитивен исход на тешкото гостување на Градскиот стадион во Гевгелија каде Кожуф ќе биде фаворит.
Сите натпревари стартуваат во 13:00 часот.