Четвртолигашот Богомила гради млад и амбициозен тим чија цел ќе биде влез во Трета лига – Југ

Четвртолигашот Богомила се реактивираше и од оваа сезона започна повторно со натпреварување во Општинската лига во Велес.
Клубот е составен од млади играчи кои имаа третолигашко искуство, а предводени од неколку искусни играчи, како капитенот Анѓелче Божиков кој ги има поминато сите категории на велешки Борец, Зоран Темов, Даниел Ѓорѓиевски, Милан Темов и 44-годишниот Славчо Јанковски кој е пример за сите за неговата спремност и професионалност.
Клубот е основан во 2011 година и успешно се натпреваруваше неколку сезони, но поради финансиски проблеми истиот беше ставен во мирување и повторно минатата година се реактивираше. Богомила за тековната сезона има за цел да заврши на повисокиот дел од табелата, а за следната сезона се подготвува за атак на првото место и влез во Третата лига – Југ.

Условите за работа на клубот се одлични, игралиштето и теренот со природна трева се оддржуваат редовно што нуди оптимални услови за тренинзи и одигрување на натпревари.
Богомила пролетната полусезона ќе ја стартува со одигрување на заостанатиот натпревар од 1. коло против екипата на Бабуна, кој е закажан за 21. февруари.