Чави: Халанд ? Сите се заинтересирани, но…

Тренерот на Барселона, Чави изјави дека не знае ништо за потенцијалното доаѓање на Ерлинг Халанд на „Камп Ноу“ и потсети дека тимот е во тешка економска ситуација.
Барселона денес на „Камп Ноу“ го пречекува Елче во рамките на 18. коло од Примера.
„Нè очекува многу важен натпревар, во игра се три големи бодови. Верувам во овој тим, во играчите. Резултатите се уште не доаѓаат, но верувам. Чувствувам дека сме подобри. Секако, целта е да се најдеме меѓу четирите најдобри екипи и да освојуваме титули“, изјави Чави и додаде:
„Реално, имаме квалитет за титули. Сме виделе се во минатото, па верувам дека можеме да ја освоиме Ла Лига. Мора да се бориме за титули“.
Барселона моментално е осма на табелата, со 18 бодови помалку од водечкиот Реал.
„Ни треба победа. Работевме многу добро, посветеноста на играчите не е доведена во прашање. Но, мора да победиме за да ја промениме динамиката“.
Новинарите се интересираа и дали Усман Дембеле ќе остане во каталонскиот клуб, бидејќи договорот му истекува на лето.
„Разговарав со него. Тој е среќен, сака да остане, сега треба да се постигне договор помеѓу клубот и неговиот агент. Тој знае колку може да биде важно.“
Неодамна познатиот агент Мино Рајола објави дека Ерлинг Халанд би можел да ја продолжи кариерата во Барселона.
„Во моментов сме во тешка економска ситуација. Нема да биде лесно да се донесат засилувања. Ќе видиме што ќе се случи. Не знам ништо за Халанд. Се разбира, сите се заинтересирани. Хавиер Тебас би бил првиот што би го видел во Ла Лига, што не мора да значи во Барселона“.
Кога станува збор за плановите за преодниот рок, Чави рече:
„Штета што дојдов среде првенството, кога веќе се направени сите планови. Некои работи треба да се променат. Треба време.”