Бутел утре заминуваат на мини подготовки во Србија

Ракометарите на Бутел Скопје утре заминуваат на мини подготовки во Србија, каде што ќе бидат одиграни три пријателски натпревари со екипите на Црвена Ѕвезда, Шамот и Вождовац.
Тренерот Кристијан Грчевски е задоволен од тоа што е досега сработено во Скопје и пред стартот на плеј-офот ги најави амбициите на клубот.
„По првиот есенски дел со многу проблеми и многу ограничувања поради коронавирусот, започнавме со подготовките кои засега се движат во добра насока. Играчите се полни со елан за делот што следува, односно плеј-офот и едвај чекаат да започне. Како екипа што амбиции да се бори за врвот во нашата лига, започнавме соработка со кондицискиот тренер Кристијан Кајчевски, кој досега работи одлично и се надевам дека соработката ќе трае уште долго. Во нашиот клуб има двајца нови играчи, пикерот Јевтиќ и десниот бек Трифковиќ, кои одлично се вклопија во нашето семејство. Уште е рано за било какви изјави околу нивниот придонес, но се надевам дека ќе ја оправдаат улогата на засилувања и ќе бидат од голема корист за екипата. Нашата цел како и секоја година е излез во Европа. Тоа ни е целта, но секогаш сакаме уште повеќе. Полека но сигурно Бутел прераснува во клуб со имиџ и со историја, и секоја година ќе одиме скалило погоре додека не го освоиме македонскиот шампионат. Најважно е што имаме сопствен дом и одличен спонзор кој сака Бутел да го качи на пиедесталот“, вели Грчевски.