Беса Влазрими на дуел со Њу Старс, Раштак домаќин на Њу Јорк

Утре се играат натпреварите од вонредното 16. коло од Третата лига – Север.
Илинден – Речица
Екипата на Илинден на домашен терен утре ќе го пречека „фенерџијата“ Речица, каде ќе важи за фаворит за победа и три бодови, а доколку биде оправдата фаворитската улога, тогаш Илинден ќе одлепи од опасната зона. Речица е закована на дното од табелата, шансите за опстанок се сведени на минимум, па победата ќе биде единствена позитивна цел за ова екипа.
Волково – Маџари Солидарност
Екипата на Волково утре ќе биде домаќин на фаворитот Маџари Солидарност. Домашната екипа игра катастрофална сезона и со само 7 освоени бодови е на претпоследното место, па доколку сака да го задржи третолигашкиот статус и да остане со реални шанси за опстанок, утре ќе мора да ја запише третата сезонска победа. Маџари ги загуби шансите за првото место, па екипата ќе атакува за подобар пласман на табелата.
Њу Старс – Беса Влазрими
Неизвесен дуел ќе биде одигран во Ѓорче Петров меѓу екипите на Њу Старс и Беса Влазрими. Домашната екипа е на третото место и доколку сака да го задржи истото ќе мора утре да запише нова победа. Од друга страна, гостинската екипа доаѓа по три бодови со можност да се врати на лидерското место, бидејќи Фортуна утре ќе биде слободна.
Раштак – Њу Јорк
Екипата на Раштак утре ја очекува тежок дуел со одличниот Њу Јорк кој продолжува да го напаѓа третото место, а со тоа и подобар пласман на крајот од сезоната, бидејќи првото и второто место бодовно се одлепија. Раштак запиша пет сезонски победи и успеа да фати приклучок кон средишниот дел од табелата, а евентулна победа и утре ќе значи можност за нов напредок на табелата, а со тоа и остварување на целите за подобар пласман.
Аеродром – Риниа
Аеродром на домашен терен ќе одигра дерби со екипата на Риниа. Домашната екипа е на 11-тата позиција, па евентулана победа ќе значи можност да направи напредок на табелата и да фати приклучок за топ-10, но Риниа која игра одлично и влезе во серија од четири последователни победи утре ќе биде силно мотивирана за да ја продолжи серијата позитивни резултати, а со тоа и можност да напредува уште едно место на табелата, односно да се искачи на седмото место.
Петровец – Башкими
Петровец утре го очекува тежок натпревар со разиграниот Башкими. Екипата на Петровец две кола по ред не знае за победа, па утре ќе се обиде да го искористи домашниот терен и да дојде до трите бодови. Башкими игра одлично, на последните три натревари стигна до две победи и тоа против тешки противници и запиша едно реми, па утре ќе се обиде да остане непоразен и дома да се врати со три бодови, а со тоа да стигне до седмото место на табелата.
ССК Нова – Студена Вода
Екипата на ССК Нова утре ја очекува тежок натпревар со фаворитот Студена Вода. Домашната екипа ќе биде под силен притисок за победа со цел конечно да излезе од опасната зона и пополека да прави чекор кон сигурен опстанок во третолигашкото друштво, додека Студена Вода која изминатите неколку кола знаеше да „киксне“ сепак ќе ја има фаворитската улога и со победа ќе може да дојде и до третото место на табелата.
Првопласираната Фортуна во ова коло ќе биде слободна.