Берков нов тренер на Карбинци, третолигашот за пролетниот дел ќе има и неколку засилувања

Третолигашот Карбинци во пролетниот дел од Третата лига – Исток ќе биде предводен од новиот тренер Александар Берков, кој потекнува од тренерската школа на штипска Брегалница. Управата на клубот и Берков постигнаа договор за ангажман во пролетниот дел на првенството, со можност тој да продолжи и во наредниот период.
На располагање на новиот тренер ќе му бидат најголемиот дел од играчите кои настапуваа и во есенскиот дел на првенството, со неколку засилувања. Амбициите на клубот се да се задржи формата и атмосферата од втората половина на есенскиот дел, кога беа прикажани солидни игри и освоени речиси сите бодови (12 од 13), со можност за искачување на место погоре на табелата од осмото место, каде заврши Карбинци во есенскиот дел од сезоната.
Од екипата засега замина само 32 годишниот напаѓач Миле Димитров, кој ќе настапува за Малеш. Нови играчи се Марио Гоцевски, кој порано има настапувано за Брегалница, Академија Пандев и Кежовица, Иван Андов, кој доаѓа од Раклиш и Љупче Георгиевски, кој на почеток на првенството беше дел од Карбинци. Клубот разговара со уште неколку играчи, а во наредните денови ќе се знае дали ќе има и нови засилувања.

Подготовките за пролетниот дел од првенството Карбинци ќе ги започне на 10 февруари, а пролетната полусезона ќе ја отвори со гостувањето во Делчево каде ќе игра против лидерот Брегалница, фаворит кој беше изненаден на стартот од сезоната кога во Карбинци натпреварот заврши нерешено со 1:1.