Белица три пати задаваше удар но Воска сепак дојде до победа, Караорман во финишот дојде до победа над Кравари

Викендот се одиграа натпреварите од 14. коло од Третата лига – Југозапад.
Новаци на домашен терен со 2:0 беше подобар противник од Лирија. Домаќинот резултатот го отвори во 40. минута со гол на Наумоски Благоја. На полувреме се замина со 1:0. Во вториот дел се играше смирено и претпазливо. Со гол на нововлезениот Јовановски Александар домаќинот зголеми на конечните 2:0, со што запиша осма сезонска победа, а екипата од Грнчари го впиша осмиот пораз во тековната сезона.
Караорман беше близу пак да се „лизне“ во дуелот со Кравари, но Милевски Методија го спаси струшкиот фаворит од нов кикс со гол во 88. минута.
Денес колото беше комплетирано со останатите натпревари.
Црно Буки на домашен терен со 3:1 беше подобар од екината на Сатеска од Волино. Резултатот беше отворен во 13. минута со гол на Даралиовски Оливер, а Крклински Христијан во 37. минута постигна гол за 2:0 на полувреме. На стартот од вториот дел Црно Буки со гол на Велјановски Александар зголеми на 3:0. Во 68. минута Сатеска намали на 3:1 со гол од пенал, а реализатор беше Милошевски Дејан. До крајот на натпреварот резултатот не се промени.
Влазними и Октиси ремизираа играјќи 2:2. Гостите отворија одлично и во 4. минута со гол на Врнези Емир имаа водство од 0:1. Одличната игра продолжи и во 20. минута со гол на Меди Шенол резултатот беше 0:2. По две минути игра Влазними преку Шекуткоски Даниел намали на 1:2, резултат со кој се замина на полувреме. Во вториот дел со нов гол на Шекуткоски домаќинот дојде до израмнување од 2:2, резултат кој до крајот на натпреварот не се промени.
Победа Ивањевци дојде до голем триумф на домашен терен над Дебарца со 2:1. Резултатот беше отворен во 10. минута со гол на Велевски Илче. На полувреме се замина со 1:0. Во вториот дел од натпреварот паднаа два гола. Во 72. минута Дебарца преку Трпоски Марио дојде до 1:1, а во 86. минута младиот Османов Рафаело погоди за конечни 2:1.
>> ЦЕЛАТА ТАБЕЛА ОД ТРЕТАТА ЛИГА – ЈУГОЗАПАД ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА ОВДЕ <<
Преспа на домашен терен дојде до убедлива победа над „фенерџијата“ Стрела од 4:1. На Градскиот стадион во Ресен први до водство дојдоа домаќините со гол на Талевски Илче во 8. минута. Пластиновски Нико во 24. минута донесе водство од 2:0 за домаќинот. Шест минути подоцна младито Мехмед Адријан постигна гол за високо водство од 3:0, резултат со кој се замина и на полувреме. Во 67. минута гостите со гол од пенал намалија на 3:1, а успешно реализираше Ристевски Благојче. Три минути подоцна Пластиновски со втор гол ги постави конечните 4:1.
Лидерот Воска се намачи, но дојде до нова победа над Белиса со 4:3. Гостите дојдоа први до водство со гол на Шадов Денис во 27. минута, а седум минути подоцна нововлезелниот Нически Мартин донесе израмнување од 1:1. Пред крајот на првиот дел Белица дојде до ново водство од 1:2, резултат со кој се замина на пауза. По само пет минути игра во вториот дел, нововлезениот Арслани Ермонд донесе ново израмнување за Воска од 2:2. По пет минути игра Белица со гол на Рочи Блертон дојде до трето водство од 2:3. Домаќинот правеше притисок за брзо израмнување кое се случи по 5 минути, а за 3:3 погоди повторно Нически Мартин. Херој на лидерот Воска беше Арслани Ермонд кој со гол во 89. минута донесе голема победа и нови три бодови.
Македонија Враништа добива службени три бода од натпреварот којшто требаше да го одигра со диквалификуваната екипа на Фламуртари.
Лидер на табелата е Воска од Охрид со 38 бодови, шест помалку има второпласираниот Караорман, додека на третото место е Црно Буки со 30 бодови.