
Арбен Бајрами одигра одличен натпревар и ја оправда фаворитската улога, откако на домашен терен со високи 14:5 го разнесе Кратово во последното коло од есенскиот дел од Првата футсал лига.
Кратово немаше сили да се спротивстави на одличната и расположена екипа на Арбен Бајрами која во првото полувреме имаше водство од 8:1. Резултатот беше преку Исмаили кој во 3. и 4. минута постигна два гола за 2:0. Моќната игра продолжи и во 9. минута веќе беше 3:0 овој пат стрелаше Сулејмани. Гостите намалија на 3:1 преку Александар Стојановски, а потоа следуваше тотална доминација на домаќините. Реџепи погоди за 4:1, Сулејмани зголеми на 5:1, по што следуваа три брзи гола на Далип за 6:1 и Реџепи кој погоди два пати за 8:1.
Во второто полувреме немаше промени. За пет минути игра домаќините имаа водство од 11:1, а стрелаа Веселовски, Стојковски и Сулејмани. Кратово заигра нешто подобро и постигна три гола и резултатот беше 11:4 со едниот гол на Александар Стојановски и двата на младиот Давид Стојановски. Домаќинот преку Далип зголеми на 12:4, а Мјаку погоди за 13:4. Никола Јовановски погоди за Кратово со што резултатот беше 13:5, а конечниот резултат го постави Игор Стојковски за 14:5.
Пролетниот дел од сезоната Арбен Бајрами ќе го стартува на домашен терен со Кеги Моби од Велес, додека Кратово ќе гостува во Штип кај екипата на Мал Ајакс.