Ангели и Хераклеа ги потврдија лидерските позиции во Втората кошаркарска лига – Исток и Запад

Водечките екипи запишаа планирани победи, и ќе презимат на лидерските места во Втората кошаркаска лига – Исток и Запад.
Со уште едно непланирано одложување, и три одиграни натпревари, овој викенд финишираше првиот дел од сезоната во Втората лига-мажи.
Чаир 2030 и Тетекс ТТК ќе играат во некој друг термин, а нивните конкуренти во трката за најдоброто место го искористија тоа.
Пред сè, тоа се однесува екипата на Хераклеа, која без особени проблеми славеше убедлива победа во средбата со екипата на Спорт Тим (82:61).
Екипата од Битола е и единствената која ги одигра сите девет натпревари од првиот круг од натпреварите во групата Запад.
Многу јасна е и ситуацијата на Истокот. Засега без конкуренција останува екипата на Ангели. Седум натпревари, исто толку победи. За 100% им недостасуваат двете неодиграни средби. Но, тимот од Драчево е лидер и без тој „минус“.
МКК Куманово го доби „кумановското дерби“ со Куманово 2 (78:65) за втора победа во сезоната, во која следува пауза, до 13. февруари, наредната, 2021 година.
Во однос на табелата Ангели е лидер на Истокот со 14 бодови, додека Борец Баскет со три помалку е на второт место.
Во Западот Хераклеа е лидер со 16 бодови, додека четири помалку има второпласираниот Охрид, колку што има и Тетекс кој е трет.