Андонов: Подготвени сме да продолжиме со добрите игри и резултати

Зоран Андонов, без сомнение, треба да биде еден од адутите на шефот на стручниот штаб Емил Грнев и за денешниот натпревар на Кит Го против гевгелиски Кожуф во 18. коло од Втората лига – Исток.
По одличната победа од 0-2 на гостувањето против Слога Виница во првото пролетно коло, за фудбалерите на Кит Го сега сериозен е мотивот за продолжување на успешните игри и на дербито против Кожуф.
„Не очекува интересен натпревар на домашен терен против искусна екипа како Кожуф, составена од квалитетни играчи кои долго играат заедно. Подготвени сме да продолжиме со добрите игри и резултати. Претходниот триумф против Слога носи дополнителен мотив кај секој од нас за надигрување со Кожуф која е одлична екипа од горниот дел на табелата. Носени од одличната атмосфера во тимот верувам дека на крај повторно ќе завршиме со позитивен резултат“ – вели Андонов.
Пларент Салихи од Тетово ќе биде главен судија на натпреварот а ќе му помагаат сограѓаните Љиворека и Идризи. Четврти судија ќе биде Никола Русевски од Скопје. Делегат на натпреварот ќе биде Добре Марков од Пробиштип. Контролор на средбата ќе биде Ѓорѓе Гоцевски од Струмица.